СОСЕД СО НОЖ НАПАДНАЛ МУЗИЧАР НА ОНЛАЈН ТУРБО-ФОЛК КОНЦЕРТ ВО БИТОЛА

    СОСЕД СО НОЖ НАПАДНАЛ МУЗИЧАР НА ОНЛАЈН ТУРБО-ФОЛК КОНЦЕРТ ВО БИТОЛАДодека битолскиот солист Пеце Петровски заедно со четворица музичари од различни бендови држеле онлајн концерт во неговиот стан во Битола, соседот од другата зграда го нападнал со нож, и му го расекол левото рамо, а инцидентот се случил во полициски час. (Фото: Фејсбук)

    Младиот битолски солист Пеце Петровски во саботата беше физички нападнат од соседот, додека со онлајн концерт сакал да му го разубави преку песна денот на детето Лука за кое вели дека има аутизам. Додека Петровски заедно со четворица музичари од различни бендови држеле онлајн концерт, со репертоар од главно турбо-фолк музика во неговиот стан на улицата Свети Наум во Битола, соседот од другата зграда го нападнал со нож, и му го расекол левото рамо. Инцидентот се случил за време на полициски час.

    „Го изведувавме концертот со намалени децибели, несакајќи да го нарушиме јавниот ред и мир, живеам во зграда и има повозрасни луѓе. Концертот беше наменет за малиот Лука, дете со аутизам, чие семејство има проблеми со сосед кој не го трпи детето, па мораше и да се отсели од својот стан. Целта ми беше да ја поттикнам свеста кај институциите, да се направи промена на закон, да се заштитат тие деца, да имаат права, а не да бидат малтретирани. Сакав да ја поддржам фамилијата и да им го стоплам душите. Не беше целта лична афирмација. Јас финансиски не можам да им помогнам, немам моќ да им го решам проблемот, па вака барем да им помогнам”, вели Петровски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Но, концертот, главно со турбо-фолк музика морал да го прекрати, откако соседот почнал со камења да удира по прозорецот. Почнал да вика ,,исклучувај, не можам да спијам” и да му вика погрдни зборови. Музичарот излегол надвор за да ја смири ситуацијата.

    „Воопшто не мислев дека родител на две мали деца би направил такво нешто. Јас сум мирољубив, но во еден момент извади нож и ми го закачи во раката. Мојата мајка застана да брани пред мене. Втор пат го крена ножот, но го собори еден од колегите. Потоа си замина заканувајќи се: ‘Имаш среќа што не слегов со сатарот’“, кажува Петровски.

    Случајот го потврдија и од СВР Битола од каде велат дека поради недоразбирање околу гласна музика, едно лице било повредено со остар предмет.

    По повредата отишол в болница, каде му била укажана помош. Од Ортопедија завршил и на Психијатриското одделение, зашто бил многу вознемирен од инцидентот. Има посекотина од 5 сантиметри.

    „Јас мојот проблем ќе го решам, зашто освен што полицијата ќе го гони по службена должност и јас ќе го тужам. Но, сакам да се стави акцент на проблемот што го има семејството на Лука. Да му помогне државата, институциите, да најдат луѓето сместување каде нема да имаат проблеми. Лука заслужува да има мирно и спокојно детство како секое дете”, вели Петровски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира