СОСЕДИТЕ ГИ ПОГРЕБУВААТ ПОЧИНАТИТЕ ОД КОРОНАВИРУС ВО БИТОЛА

    СОСЕДИТЕ ГИ ПОГРЕБУВААТ ПОЧИНАТИТЕ ОД КОРОНАВИРУС ВО БИТОЛАИзминатава недела во Битоа од ковид-19 починаа 23 болни. Досега починаа 65 битолчани, но згрижувачки е тоа што над 40 од нив овој месец; - На влезот од црквата „Света Недела“ во Битола, некролозите се прикачуваат и на спомен плочата на објектот оти веќе нема место. (Фото: СДК.МК)

    Веќе нема слободни места за некролози на влезот од црквата „Света Недела“ во Битола, па вестите за тажен помен се прикачуваат и на спомен плочата на објектот. На 17 и 18 ноември, поточно во два дена, само на овие гробишта имаше 10 погреби, дел болни од коронавирус. Погреби имаше и на другите битолски гробишта, па се проценува дека за два дена беа погребани најмалку 14 мртовци. Изминатава недела во Битоа од ковид-19 починаа 23 болни. Досега починаа 65 битолчани, но згрижувачки е тоа што над 40 од нив овој месец.

    „Единственото што се полни во градот се бандерите со некролози. Каде да се свртите само тажни вести. На телевизија вестите станаа ин мемориам, отворете социјални мрежи, пак некој умрел. Психички испопаѓавме. Камо толку да имаше живородени“, велат битолчани кои ги затекнавме како читаат некролзи низ град.

    Погребалните претпријатија велат дека се случува дневно да погребаат и по седуммина, со оглед на тоа дека има лица кои умираат од други причини, а на листата се уфрлуваат и оние кои ја изгубиле битката со заразата.

    „Се случува погребот да биде одложен преку еден ден ако не може да се стигне. Но, гледаме уште истиот ден да се погребаат лицата кои починале од ковид-19 зашто во такви случаи нема обврска телото да престои 24 часа, туку веднаш се погреба. Покојните од ковид-19 не ги примаат ни на капела, ни во ладилник, ни во црква, туку се транспортираат директно на гробишта“, велат лица упатени во погребалниот бизнис.

    Во овој период од годината погребите најчесто се извршуваа до 13 часот, а сега ги има и подоцна. Се раскажува дека неодамна било побарано од погребално претпријатие да погреба мртовец и во 16 часот, но одбиле.

    Погребалните оператори велат дека го вклучуваат целиот раположлив кадар што го имаат за да постигнат. Според нив, најосетлив момент е тоа што не семејствата можат да си ги испратат покојните како што заслужуваат.

    „За редовен погреб нема ограничувања, но најчесто е намален бројот на присутни. Кај умрените од коронавирус на погребите максимално е дозволено да има пет ужалени. Во најголемиот број случаи семејствата се во изолација, па се случува соседи да ги испраќаат покојните“, велат вработени во погребално претпријатие во Битола кои сакаа да останат аноними, зашто рекоа дека не сакаат да си прават сопствена реклама на маката на другите.

    Вела дека им се јавувале роднини на покојни исплашени дека умрените од ковид-19 се погребуваат само во вреќа. Од погребалните оператори велат дека ова се само шпекулации зашто телата ги земаат во вреќи, но потоа ги ставаат во сандак.

    Според протоколите за погреби, процедурата е посложена отколку кај другите погреби. Најчесто погребалните претпријатија овие покојници ги подигаат од болница, а не од домашни услови. Потребно е завиткување на трупот во чаршав натопен со средства за дезинфекција врз база на хлор. Потоа, завитканото тело се става во кеса за починато лице. Истиот персонал кој го подготвува телото, го пренесува во сандак и го предава на оператор на погребални услуги. Не смее да се манипулира со телото, да се допира или бакнува мртвото тело од страна на семејството. Починатото лице веднаш се погребува без претходно носење во капела или спроведување и практикување верски обичаи. Ковчегот не смее да се отвора и не се дели храна за време на погребната церемонија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира