СОВЕТНИЦИТЕ ЕДНОГЛАСНО ГО ДОНЕСОА ГЕНЕРАЛНИОТ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН НА ШТИП И ЗАЕДНО ОТИДОА НА КАФЕ

    СОВЕТНИЦИТЕ ЕДНОГЛАСНО ГО ДОНЕСОА ГЕНЕРАЛНИОТ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН НА ШТИП И ЗАЕДНО ОТИДОА НА КАФЕOдлуката едногласно ја усвоија советниците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ без ниеден против или воздржан и заедно отидоа на кафе. (Фото: СДК.МК)

    Последниот ден од 2022, Советот на Општина Штип ја одржа последната седница на која имаше само една точка на дневен ред, усвојување на Генерален урбанистички план (ГУП) на град Штип за плански период до 2029. Oдлуката едногласно ја усвоија советниците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ без ниту еден против или воздржан, по што градоначалникот на Штип Иван Јорданов им го честита на жителите новиот ГУП.

    Со новиот ГУП, генерално се утврдува идната урбанистичка и инфраструктурна изградба до 2029, се утврдува наредната градежна активност, изградбата на целокупната инфраструктура што ќе се спроведува во дадениот период и ќе биде основа за натамошните детални урбанистички планови (ДУП). Генералниот урбанистички план го детерминира идниот урбанистички развој на Штип и неговото проширување кое според сегашните опции повеќе е насочено кон север, односно во правец на Овчеполието, каде што веќе функционира ТИР зоната и индустриските зони Пребег и зоните од левата страна на експресниот пат од Штип кон Радовиш, каде веќе има неколку индустриски капацитети кои само со 10 насто го исполнуваат овој простор предвиден за идниот индустриски развој.

    „Со новиот генерален план се оцртуваат и главните нови приоди за влез во градот и изградбата на неминовните обиколници. Со него, исто така, ќе се елиминираат евентуалните идни дивоградби, а ќе се зацврстува идната легална изградба“,  едногласни се штипските советници.

    Последното овогодишно едногласно усвојување е едно од ретките што досега се случило во Советот на Општина Штип, во кој мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ е опозиција па најчесто седниците завршуваа со спротивставени дискусии и различни гласања, при што опозицијата често беше против или воздржана во однос на мнозинскиот глас што го има колацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Советот.
    По акламативното усвојување на ГУП, по завршувањето на седницата сите советници отидоа на заедничко кафе во најблиското кафуле.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира