СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО ТЕТОВО ЈА НАПУШТИЈА СЕДНИЦАТА ЗА БУЏЕТОТ ПОРАДИ ВНЕСУВАЊЕТО НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СТАТУТОТ НА ОПШТИНАТА

    СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО ТЕТОВО ЈА НАПУШТИЈА СЕДНИЦАТА ЗА БУЏЕТОТ ПОРАДИ ВНЕСУВАЊЕТО НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СТАТУТОТ НА ОПШТИНАТАНа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ѝ беше одбиено барањето од дневниот ред да се изземе точката за промена на Статутот (Фото: СДК.МК)

    Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија денешната седница на Советот на Општина Тетово на која се усвои буџетот за 2020 година. Тие излегоа поради тоа што како точка на дневниот ред беше и промената на Статутот на Општината, односно внесувањето на името Република Северна Македонија во Статутот и општинските акти.

    „Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска побаравме од претседавачот на Советот да ја изземе точката за промена на Статутот, со која беше предвидено да се промени името на Република Македонија со додавање на придавката Северна. За жал, за ова не добивме поддршка од ниту еден друг советник. Индикативно е тоа што токму денеска оваа точка се става на дневен ред, кога треба да се расправа и усвои буџетот на Општината, на што ние имавме да дадеме конструктивни забелешки. Имајќи предвид дека на сите им е познат ставот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествува во промената на името, ова е направено само за да не учествуваме во расправата за општинскиот буџет. Поради ова, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти работата на денешната седница на Советот на Општина Тетово“, изјави Александар Вељаноски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

    Усвоениот буџет на Општината за 2020 изнесува над една милијарда и 800 милиони денари.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира