Струшката Комисијата за превенција бара од Владата, Министерство за образование и наука, Министерство за здравство и Комисија за заразни болести пролонгирање на почетокот на учебната година во Општина Струга.
Во образложението стои дека моменталната состојба со ширењето на заразата предизвикана од вирусот ковид- 19 е полоша од претходната година и токму затоа е потребно почетокот на учебната година во Струга наместо на 1 септември да започне на 20 септември.
„Од причини поврзани со епидемиолошката состојба во Струга доколку би имало настава учениците би биле во постојан контакт, особено на големите одмори каде заеднички се дружат, купуваат храна, како и при користење на заеднички транспорт“, велат од Комисијата за превенција на Општина Струга.
Според информациите кои ги добиле од надлежните на секое наредно дневно тестирање, каде се прават од 100 до 120 тестови дневно, секој четврти резултат е позитивен на ковид-19. Моментално биле хоспитализирани 35 лица во Општа болница Струга, 7 во Завод за нефрологија, во Здравствениот дом во Вевчани 120 лица се на нега во домашни услови, додека во Струга на домашна нега се 70 лица.
Според директорот на Струшката болница Арменд Арслани последните две недели бројот на пациенти кои се хоспитализираат е константен. Состојбата се следи, а персоналот како што вели е спремен за прием на новозаболени.
„Моментално сите ресурси се ставени на располагање, опрема, кадари, капацитет во нашата болница. Во Модуларната болница имаме хоспитализирани 27 пациенти од нив 24 се на кислородна поддршка и тоа од 2 литри во минута па до 32 литри во минута. Најмладиот пациент е на возраст од 41 година а најстариот е на 80 годишна возраст. Во Интерното одделение има 12 пациенти. Од вкупно хоспитализираните 8 се со две дози на вакцини и се со полесна клиничка слика“, вели Арслани.
Портпаролот на Општина Струга Беса Зиба вели дека предлогот да се започне со онлајн настава бил неприфатлив за наставниот кадар.
„Со оглед на тоа дека се предложи да се започне со онлајн настава директорите на училиштата кажаа дека не се подготвени и нема услови за тоа, така што е поднесено барање од Општина Струга до Комисијата за заразни болести и до надлежните министерства да се пролонгира почетокот на учебната година“, вели Зиба.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска кажа дека барањето на Општина Струга е одбиено од Комисијата за заразни болести, бидејќи за разлика од Тетово и Гостивар во Струга болничките капацитети не се преполни.
С. ВРЕНЦОВСКА