СТРУМИЧАНИ БАРААТ ВЛАДАТА ДА ЈА ОДЗЕМЕ КОНЦЕСИЈАТА ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА

    СТРУМИЧАНИ БАРААТ ВЛАДАТА ДА ЈА ОДЗЕМЕ КОНЦЕСИЈАТА ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦАНа протестот против рудникот за злато во Струмица денеска се приклучија и активисти од Богданци, Валандово, Гевгелија (Фото: СДК.МК)

    Под мотото „Да го сопреме пред да нè сотре“, активистите против изградба на рудникот за бакар и злато на планината Огражден Иловица – Штука излегоа на протест во Струмица. Го предупредија концесионерот „Еуромакс“ дека не е пожелен во струмичката котлина која е прозводител на зеленчук и храна, а од Владата побараа да го раскине договорт за концесија оти биле пречекорени сите временски рокови.

    ,,Ако сами не се одбраниме нема кој да не одбрани. Ние ја подржуваме Владата да постапи според договорот потпишан во 2012, а истечен во 2016 за одземање на првата концесија, оти концесионерот не постапил по 5-6 точки. Самиот премиер кажа дека имало три – четири причини за одземање на концесијата. Прашуваме зошто уште се чека? На инвеститорот ‘Еурмакс’ сакаме да му кажеме да замине одовде и нема да дозволиме да нè лажат повеќе“, кажа Костадин Ристоманов од иницијативата „Здрава котлина“.

    Земјоделци со трактори го предводеа маршот по струмичките улици и со вклучени сирени алармираа на штетните последици од евентуалното отварање на рудникот на Огражден (Фото: СДК.МК)

    Протестот траеше околу час и половина. Активистите од центарот на Струмица се упатија до седиштето на концесионерот „Еуромакс“, каде го изразија својот револт и побараа да заминат од струмичката котлина. Се обратија повеќе активисти и здруженија.

    „Се плашиме, како не. Секој рудник е тешка и загадувачка индустрија. Што ќе се случи со нашиот зеленчук? Кој ќе го купува? Згора на сè, со отварање на овој рудник нема да се чуствуваме ниту безбедни ниту пак здрави. Постои опасност од загадување“, коментираа учесниците на протестот во Струмица на кој се приклучија и активисти од Богданци, Валандово, Гевгелија.

    Земјоделци со трактори го предводеа маршот по струмичките улици. Со вклучени сирени алармираа на штетните последици од евентуалното отварање на рудникот на Огражден. „Природа и здравје пред профити и загадување“, „Вие ќе се бањате во златни кади, а нашите деца во цијаниди и отровни води“, „Да за здрава котлина – не за рудници“, беа семо дел од транспарентите на учесниците кои не сакаат отварање рудник и најавуваат протести и во иднина.

    Концесионерот „Еуромакс“ во соопштение тврди дека проектот се работи согласно сите највисоки стандарди за животна средина и законската регулатива во Македонија. Велат дека рудникот ќе биде безбеден и нема да загадува, напротив ќе има корист и локалната и националанта економија.

    „Европската банка за обнова и развој, како најголем наш поединечен акционер, бара запазување на дополнителни критериуми за заштита на животната средина и над барањата на домашното законодавство. Имајќи ја во предвид загриженоста на заедницата, одлучивме да не користиме цијанид во постапката, иако оваа постапка е целосно безбедна, а нема да се користи ни сулфурна киселина. Ќе користиме само процес на флотација, кој веќе се користи во Македонија и е целосно безбеден процес“, соопштија од „Еуромакс ресорсис“, кои велат дека стојат на располагање за дијалог со сите граѓански организации.

    Владата неодамна соопшти дека се ангажирани надворешни експерти за да се утврди дали се исполнети условите за раскинвуање на договорот за концесија за рудникот за злато Иловица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира