Струмичани реагираат што со недели доцни издавањето на какви било документи од подрачното одделение на Управата за водење матични книги во Струмица. Тврдат дека поради недобивање изводи и потврди плаќаат пенали кај други институции или, пак, не можат да остварат одредени права. Поради тоа, тие бараат да се најде начин да се забрза постапката за издавање документи, посебно на изводи за новороденчиња.
„Ќерка ми ќе наполни речиси цел месец, а не можеме да добиеме извод за неа. Постојано одиме и ни кажуваат дека треба да се јавиме за неколку дена. Изводот ни е потребен како доказ дека сопругата навистина се породила, од што зависи остварувањето на други права“, ни објасни млад струмичанец, кој цела недела не може да добие извод за својата ќерка.
Дека има застој во издавањето документи потврдија од Управата за водење матични книги. Оттаму велат дека проблемот бил што најголемиот број вработени биле заразени со коронавирус, па не биле на работа.
„Во изминатиот месец, од вкупно девет вработени, работеа само двајца. Останатите или беа болни од ковид-19 или имаа решенија за изолација. Сега во одделението во Струмица има седум лица кои работат и за една недела ќе се завршат сите натрупани предмети“, информираше портпаролката на Управата, Кристина Битриќеска.
В. ТРАЈКОВ