СТРУМИЧКИ КОМУНАЛЕЦ ЗА 1,2 МИЛИОНИ ЕВРА АНГАЖИРАШЕ ПРИВАТНА ФИРМА ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТ

    СТРУМИЧКИ КОМУНАЛЕЦ ЗА 1,2 МИЛИОНИ ЕВРА АНГАЖИРАШЕ ПРИВАТНА ФИРМА ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТДоговорот важи за 12 месеци, а фирмата ќе се ангажира ако струмичкото комунално препријатие со своите ресурси не ќе може да го собира и транспротира отпадот до депонијата Шапкар; - Дел од возилата на Комуналец од Струмица се во дефект. (Фото: СДК.МК)

    Јавното претпријатие Комуналец склучи договор за подигање смет од градот и населените места во Општина Струмица со струмичката фирма „Дасмак“ за околу 1,2  милиони евра. Договорот важи за 12 месеци, а фирмата ќе се ангажира ако струмичкото комунално препријатие со своите ресурси не ќе може да го собира и транспротира отпадот до депонијата Шапкар.

    Како што вели директорот на Комуналец Зоран Ѓоргиев, станува збор за фирма која ќе се ангажира по потреба, оти нивниот возен парк е истрошен и постојано се соочуваат со дефекти, а почнале со организирано собирање на отпадот од сите населени места во Општината.

    „Влеговме со организирано собирање на отпадот двапати неделно во сите 20 населени места во Општината, а со постоечкиот возен парк кој е доста истрошен и често се соочуваме со дефекти нема да можеме навремено да ја испорачаме услугата. Фирмата ќе работи по потреба, што значи дека ќе се ангажира кога од која било причина ние нема да можеме да стасаме со собирање на отпадот и негово транспортирање. Вредноста на склучениот договор е максималната граница, но ќе биде исплатено во зависност колку ќе биде ангажиран економскиот оператор во сите седум реони по денови, што значи дека може да биде исплатено само 30 отсто од вредноста на договорот“, вели Ѓоргиев.

    Во моментов, струмичкото комунално претпријатие располага со 8 возила за собирање и транспорт на отпадот до депонијата Шапкар, од кои две се во дефект, па има потреба од ангажирање на фирма со возила за таа намена. Според Ѓоргиев, договорот не значи приватизација на оваа услуга ниту пак ќе има зголемување на цената за собирање на отпадот, туку можност за поефикасна услуга до сите субјекти.

    Изминативе месеци, Општина Струмица набави околу 8.500 корпи за отпад кои ги распореди на индивидуалните домаќинства како во градот така и во населените места. Деновиве ќе се испорачаат уште 2.000 корпи, за да може да бидат покриени сите домаќинства со садови за поголема јавна чистота во општината.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира