СТРУМИЧКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА ПРОКИСНУВА НА СЕКОЈ ДОЖД, ГОДИНАВА ДОПРВА ПРОЕКТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА

    СТРУМИЧКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА ПРОКИСНУВА НА СЕКОЈ ДОЖД, ГОДИНАВА ДОПРВА ПРОЕКТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАПриоритет на објектот од 1986 е санација на кровната конструкција. (Фото: СДК.МК)

    Годинава ќе се прави проект за реконструкција на Националната установа Центра за култура „Антон Панов“ во Струмица, иако тоа беше предвидено да се реализира со ланската програма на Министерството за култура за санација и реконструкција на постојните национални културни објекти, за што беа обезбедени 5,5 милиони денари. Од Министерството соопштија дека е избрана проектантската куќа „Архи груп план А“ од Скопје која ќе го работи проектот, но целата постапка ќе оди во пакет со реконструкција на објекти на уште две културни институции, Музејот на Македонија и Националната галерија – објект Мала Станица.

    „Со договорот ќе се обезбедат комплетни проекти на ниво на идеен и основен проект со сите фази, како и проектантски надзор при изведба на работите. Во текот на оваа година, се очекува да биде изработена проектната документација за сите три објекти, вклучувајки го и објектот на НУ Центар за култура ‘Антон Панов’ Струмица. Во годишната програма за инвестиции во културата за 2022 година предвидени се средства за реализација на проектот за реконструкција на Центарот во Струмица“ соопштија од Министерството за култура.

    Во рамките на Центарот за култура „Антон Панов“ функционираат театарот, ликовната галерија и музичко-сценска дејност. (Фото: СДК.МК)

    Струмичкиот Центар со години упатува барања за реконструкција на објектот кој е од 1986. Во рамките на оваа културна институција функционираат театарот, ликовната галерија и музичко-сценска дејност. Ванчо Ристов, поранешен директор на „Антон Панов“, кажа дека приоритет е реконструкцијата на кровот со оглед дека на 6 позиции проектува и го уништува ентериерот на Центарот.

    „Како приоритет е санација на кровната конструкција. Од таму почнува сè. Изминативе години правевме интервенции, но објектот е доста амортизиран. По секои врнежи од дожд мора да поставуваме кофи низ објектот. Паралелно, потребно е реконструкција на големата сала и седиштата, на сцените, подот, фасадата која е стаклена. Поради габаритот на објектот нема централно греење. Сето тоа го предочивме на Министерството за култура и чекаме. Она што го знаеме е дека треба да се работи проект за реконструкција, за што бевме ставени во програмата за 2021“, кажа Ристов.

    Центарот за култура „Антон Панов“ има корисна површина од околу 1.600 квадратни метри и во изминативе 36 години е седиште на сите позначајни јавни и културни содржини. Таму се одржува и Фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“ и реномираната Струмичка ликовна колонија.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира