СТРУШКИОТ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИК МЕРКО ОСУДЕН НА ГЛОБА ОД 5.000 ЕВРА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ СПОМЕН-ПЛОЧА НА ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА ИСПИШАНА НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК СО КОЈА СЕ ВЕЛИЧА ФАШИСТИЧКАТА ОКУПАЦИЈА

    СТРУШКИОТ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИК МЕРКО ОСУДЕН НА ГЛОБА ОД 5.000 ЕВРА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ СПОМЕН-ПЛОЧА НА ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА ИСПИШАНА НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК СО КОЈА СЕ ВЕЛИЧА ФАШИСТИЧКАТА ОКУПАЦИЈАСо спомен-плочата испишана само на албански јазик се велича фашистичката окупација на Струга, кога во 1941 Албанското кралство го востановило албанскиот јазик како службен во Југозападна Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, е осуден на парична казна од 5.000 евра поради поставувањето спомен-плоча на зградата на Општина Струга испишана само на албански јазик, со која се велича фашистичката окупација на градот кога Албанското кралство го востановило албанскиот јазик како службен во Југозападна Македонија.

    Основниот суд во Струга утврдил одговорност, оценувајќи дека содржината и симболиката на плочата можат да поттикнат или разгорат верска и етничка омраза. Според судот, за постоење на ова кривично дело не е неопходно да настане конкретен конфликт, инцидент или друга штетна последица.

    Судечкиот судија Јордан Јованов појасни дека во случајот претходно била водена и прекршочна постапка, но таа се однесувала на непочитување на процедурата за поставување спомен-обележје.

    „Тоа се однесува на какво било спомен-обележје, вклучително и на оние коишто не поттикнуваат или разгоруваат верска и етничка омраза“, рече Јованов.

    Како значаен доказ во постапката, судот го зел предвид и мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Тоа мислење било оспорено пред Управниот суд, но тужбата била одбиена, а одлуката потврдена и од Вишиот управен суд.

    Според судијата Јованов, мислењето останува во сила и било изготвено врз основа на стручни анализи од Институтот за национална историја, од каде што било побарано да се оцени дали симболиката на плочата може да поттикнува или разгорува верска или етничка омраза.

    Плочата беше поставена во март 2024 на влезот на општинската зграда и содржи натпис на албански јазик: „Основно училиште Битолски конгрес, 1 септември 1941 година“. Натписот се однесува на периодот од Втората светска војна, кога Струга била под окупација на Италија и Кралството Албанија.

    Со судската одлука, поставувањето на спомен-плочата добива и кривично-правна завршница, независно од тоа што во конкретниот случај не биле регистрирани инциденти или директни конфликти како последица од нејзиното поставување.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира