СТРУЖАНЕЦ ИСКАСАН ОД ГЛУТНИЦА КУЧИЊА СКИТНИЦИ ШЕСТ ГОДИНИ НЕ МОЖЕ ДА НАПЛАТИ ОТШТЕТА, ПРАВДАТА ЌЕ ЈА БАРА ВО СТРАЗБУР

    СТРУЖАНЕЦ ИСКАСАН ОД ГЛУТНИЦА КУЧИЊА СКИТНИЦИ ШЕСТ ГОДИНИ НЕ МОЖЕ ДА НАПЛАТИ ОТШТЕТА, ПРАВДАТА ЌЕ ЈА БАРА ВО СТРАЗБУРДраган Пејоски има правосилна пресуда, но не може да ја наплати штетата оти струшкото Комунално претпријатие нема пари. (Фото: СДК.МК)

    Шеесет и четиригодишниот Драган Пејоски од Струга не може да наплати надомест за материјална и нематеријална штета во висина од 152 илјади денари причинета од каснување од куче скитник оти, како што му рекле, Комуналното претпријатие нема пари. По 6 години одење по судови останале само лузните по телото и траумите.

    Основниот суд во Струга донел правосилна и извршна пресуда за надомест на штетата, но износот се уште не му е исплатен. Вели дека сега правдата ќе ја бара пред Судот за човекови права во Стразбур.

    „Зедов адвокат, поднесов тужба против Комунално Струга како надлежен за кучињата. Спорот го добив, се жалеа до Апелација Битола и таму го добив спорот и до ден денеска, после шест години, не наплатив. Го дадов на извршител кој до ден денес не може да наплати оти велат немаме пари. Не знам дали треба да си партиски војник за да наплатиш или што е работава. Има и други случаи после мене и тие не можат да наплатат“, вели Драган.

    Кучето го каснало во 2016, наутро кога чекал превоз за да оди на работа. Вели дека десетина кучиња го касале по телото, но немало кој да му помогне оти било рано наутро.

    „Беше зима, одев на работа. Тогаш работев во хотел ‘Бисер’ и рано наутро во 6,15, додека чекав превоз видов глутница кучиња и едно се затрча и ме нападна. Почнав да се бранам, да се повлекувам. Во меѓувреме, се фрлија на мене и другите кучиња. Беа некаде девет кучиња ме паднаа на земја и ме касаа насекаде по телото. Гледав само да не ме фатат на вратот. Викав помош, но немаше никој оти беше рано. По некое време, тука од зградата излезе еден млад човек кој со чадор и торба мавташе и така некако ме куртули. Потоа отидов во болница, ме шиеја и примив вакцина против кучешко беснило“, вели Драган.

    Вели дека од најголем љубител на кучиња сега има страв и да помине покрај нив, оти сликата од траумата која ја доживеал не му излегува од глава.

    „Сè уште имам страшна фобија кога ќе видам кучиња, а бев најголем љубител на кучиња, и дома чував, но после ова ми е страв да се движам по улици. Пред неколку дена исто ме нападнаа, но имав среќа што влегов во едно комбе, а шоферот испадна љубезен и ме донесе до дома и така се куртулив“.

    Струга е една од општините со најголем број бездомни кучиња по улиците. По бројните напади и каснувања, Општината пред десеттина дена започна со хуман третман со заловување, кастрација, стерилизација, чипирање и повторно враќање на заловеното место за да ја намали нивната агресија. Драган вели дека тоа засега не дава резултат, оти секојдневно расте и бројот на кучиња и нападите врз луѓето.

    „Колку да се справува Општината, а мислам дека многу малку прави, секојдневно има нови кучиња. Дали ги носат од други места не знам, но во Струга е страшно. Децата ги носиме со кола на училиште. Надлежните, според она што се случува, ништо не прават само си ја префрлаат топката“, додава Драган.

    Според слободните проценки, во Струшко има стотици улични кучиња, проблемот се провлекува со години а бројот на пријавени случаи за каснување од куче скитник од година во година расте.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира