СТРУЖАНЕЦОТ НИКОЛА ПЕТРЕСКИ ЗАЕДНО СО ДЕВЕТМИНА ГОТВАЧИ ЗГОТВИ 700 ОБРОЦИ ЗА СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИТЕ ВО СТРУГА И ОХРИД

    СТРУЖАНЕЦОТ НИКОЛА ПЕТРЕСКИ ЗАЕДНО СО ДЕВЕТМИНА ГОТВАЧИ ЗГОТВИ 700 ОБРОЦИ ЗА СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИТЕ ВО СТРУГА И ОХРИДНа менито на Петрески и екипата имаше плескавици, ориз, пире, пилешко, риба и салати (Фото: СДК.МК)

    Стружанецот Никола Петрески, кој повеќе од еден месец дели топли оброци на социјално ранливи категории во Струга, денеска го реализираше најголемиот подвиг: заедно со деветмина готвачи од земјава зготви 700 оброци за сиромашните и бездомниците во Охридско-струшкиот регион. Се готвеше четири часа, а на менито имаше плескавици, ориз, пире, пилешко, риба и салати.

    „Беше напорно да се организира, но имавме голема желба да се помогне. Помогнаа и голем број хумани граѓани и компании, но најголема помош даде Општина Струга, со 90 проценти од намирниците“, вели Петрески.

    Готвачите од другите градови велат дека прво биле изненадени од идејата, но без размислување ја прифатиле. Од Здружението на готвачи од Охрид очекуваат да се подготвува храна во секој град, оти, како што велат, коронакризата го зголеми бројот на социјално загрозени граѓани.

    На повикот на Петрески се одзваа готвачи од целата земја (Фото: СДК.МК)

    „Сите одвоивме време, тука сме тројца претставници од Охрид и секогаш ќе прифаќаме вакви хуманитарни акции. Ова треба да е традиција“, вели Влатко Ѓоргиевски.

    „Сѐ се случи набрзина. Акцијата е хумана и нѐ прави среќни што помагаме на ранливите категории. Ова треба да е пример за целата држава“, кажа Горан Филипов, шеф-готвач кој дојде од Кавадарци.

    Црвен крст ја дистрибуираше храната до оние на кои им е најнеопходна.

    „Има многу граѓани кои се наши корисници и доаѓаат редовно кај нас. За жал, нивниот број порасна овој период“, вели секретарот на Црвен крст Струга, Адуриме Даути.

    Хуманата активност со која трипати неделно се готви за триесетина гладни од Струга ја започна Петрески, кој работи со достава на храна.

    „Соработувам со две компании и остануваше многу храна, која ја фрлавме. Отприлика 6-7 килограми се фрлаше и дојдов на идеја да ја дадам на некој на кој му е потребна. Гласот дека тука може да јадат топол оброк брзо се шири. На почетокот, пред еден месец, беа двајца-тројца, а сега се околу 30“, вели Петрески.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира