СУБВЕНЦИИТЕ ЗА ИНВЕРТЕРИ НЕ ВАЖАТ ЗА ОНИЕ ДОМАЌИНСТВА ШТО СЕ ГРЕЕЛЕ НА СТРУЈА, ДОСЕГА АПЛИЦИРАЛЕ 150 ГРАЃАНИ

    СУБВЕНЦИИТЕ ЗА ИНВЕРТЕРИ НЕ ВАЖАТ ЗА ОНИЕ ДОМАЌИНСТВА ШТО СЕ ГРЕЕЛЕ НА СТРУЈА, ДОСЕГА АПЛИЦИРАЛЕ 150 ГРАЃАНИДосега на повикот на Град Скопје аплицирале 150 граѓани. Аплицирањето се врши само електронски, за да не се создаваат гужви пред барака 16 заради коронавирус. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Граѓаните кои немаат можност за приклучок на парно греење, не можат да аплицираат за субвенции за инвертери доколку се грееле на струја. Од Град Скопје каде во петокот беше објавен повикот за субвенционира на целиот износ за купена инвертер клима до 62.000 денари, објаснуваат дека право на аплицирање имаат само граѓаните кои се грееле на дрва, јаглен или нафта и притоа треба да ја предадат печката.

    „Доколку граѓаните кои живеат во населби кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење, но го загревале домот на струја немаат право да аплицираат оти мерката е за намалување на загадувањето поради нееколошкиот начин на греење“, велат од Град Скопје.

    Досега на повикот на Град Скопје аплицирале 150 граѓани. Аплицирањето се врши само електронски, за да не се создаваат гужви пред барака 16 заради коронавирус.

    Согласно со условите на овој јавен повик ќе има субвенции за над 5.000 граѓани на Скопје. Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од први јануари до завршувањето на повикот односно до исцрпување на средствата.

    Со овој проект на Владата за намалување на аерозагадувањето, покрај Град Скопје, се опфатени и општините Битола, Тетово и Кичево. Вкупно за оваа намена од државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) се обезбедени 10 милиони евра. Најмногу пари се префрлени на Град Скопје и тоа 5,2 милиони евра за 5.200 граѓани, потоа на Општина Битола 2,5 милиони евра за 2.500 граѓани, на Општина Тетово 1,5 милиони евра или за 1.500 жители и на Општина Кичево 800.000 евра за 800 жители.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира