СУДОВИTE СЕ ПРОГЛАСИЈА ЗА НЕНАДЛЕЖНИ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО ОД ДИВАТА СТРУШКА ДЕПОНИЈА, МЛАДИТЕ ПРАВНИЦИ ЌЕ ЈА БАРААТ ПРАВДАТА ВО СТРАЗБУР

    СУДОВИTE СЕ ПРОГЛАСИЈА ЗА НЕНАДЛЕЖНИ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО ОД ДИВАТА СТРУШКА ДЕПОНИЈА, МЛАДИТЕ ПРАВНИЦИ ЌЕ ЈА БАРААТ ПРАВДАТА ВО СТРАЗБУРСтрушката депонија e една од најопасните нестандардни, диви депонии во земјава оти не е воспоставен систем за контрола на видот на отпадот кој се одлага, а оддалечена на околу 500 метри од првите куќи на градот како и од речното корито Црн Дрим. (Фото: СДК.МК)

    Откако Основниот суд во Струга ја отфрли тужбата, а Апелациониот суд во Битола ја одби жалбата поднесена во врска со дивата струшка депонија, со образложение дека решавањето на оваа проблематика не спаѓа во судска надлежност, младите правници правдата ќе ја бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Во апликацијата се бара утврдување на повреда на правото на пристап до суд, повреда на правото на приватен и семеен живот и повреда на правото на ефективен правен лек.

    Апликантите се физичко лице кое живее во непосредна близина на депонијата и е постојано изложено на загадување, како и Македонското здружение на млади правници (МЗМП), кое го застапува јавниот интерес за здрава животна средина.

    Тие во 2021 поднесоа тужба преку адвокат Глигорие Ќатоски, со која бараа судот да утврди дека со опстојувањето и функционирањето на дивата општинска комунална депонија во Струга се повредени правото на здрава животна средина и да ги задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие „Комунално“-Струга да преземат конкретни мерки поврзани со депонирање на отпад на сегашната локација и нејзино санирање. Судот ја одби тужбата оти не била поставена во насока на утврдување соодветно право или правен однос помеѓу тужителот или тужените, туку била поставена во насока на утврдување факти, а за кои тој немал надлежност.

    „Очекувано и за жал, македонските судови не покажаа доволен капацитет да одлучуваат по вака битни прашања за заштита на јавниот интерес на граѓаните. Сите надлежни институции – Министерството за животна средина, Општина Струга, ЈП Комунално Струга – па дури и домашните судови се прогласија за ненадлежни. Жителите на Струга останаа без одговор и без правна заштита. Праксата на Европскиот суд за човекови права е дека решавањето на проблематика како оваа со струшката депонија спаѓа во надлежност на редовните судови. Во ситуација кога правдата не може да ја добиеме од македонските судови, останува истата да ја бараме пред Европскиот суд за човекови права“, вели адвокатот Глигорие Ќатоски.

    Судот во својата одлука посочува дека за конкретното прашање треба да се води постапка по Законот за општа управна постапка и Законот за управни спорови, а не преку редовните судови.

    „Нe се согласуваме со оваа разочарувачка судска одлука на македонските судови, бидејќи во рамки на постапката посочивме бројни законски и подзаконски акти кои укажуваат на судска надлежност за оваа проблематика. Дополнително доставиваме и пракса на Европскиот суд за човекови права која судска пракса укажува на судска надлежност“, вели Ќатоски.

    Струшката депонија претставува една од најопасните нестандардни, диви депонии во државата оти не е воспоставен систем за контрола на видот на отпадот кој се одлага. Депонијата оддалечена на околу 500 метри од првите куќи на градот како и од речното корито на реката Црн Дрим и нецели 2.000 метри воздушна линија од Охридското Езеро постојано гори, а миризбата од чадот се чуствува во градот.

    На оваа локација, на површина од повеќе од 28.000 метри квадратни, се одлага отпад од 2006 година со одлука на тогашната административна власт на чело со тогашниот и сегашен градоначалник на Општина Струга, Рамиз Мерко, и од тогаш до денес ниту еден надлежен локален или владин орган не презел никакви мерки за нејзино отстранување. Денес таа е висока повеќе од 18 метри и вкопана во длабочина од околу 10 метри.

    „Оваа депонија, на која се одлагаат околу 40.000 тони ѓубре, расте годишно по 2,5 метри во висина или по еден градежен кат“, вели Ќатоски.

    Проблемот со депониите во Охридскиот Регион е наведен и во препораките на УНЕСКО за задржување на статусот на светско природно и културно наследство.

    Еколошка закана во регионот под заштита на УНЕСКО е и депонијата „Буково“ кај Охрид, која чади и во лето и во зима и го загадува воздухот во Охрид и околината. Мештаните често алармираат за тешката миризба која што го загрозува нивното здравје.

    „Сведоци сме дека отровните чадови речиси секојдневно стигнуваат и до Охрид, и до Ресен. Несоодветното управување со депонијата Буково неповолно влијае и на загадувањето на подземните води, а кое посебно е изразено при обилни врнежи кои покрај хемиско разложување вршат и физички транспорт на материите од самиот отпад во подземјето“, вели Ѓоко Зороски од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“.

    Депонијата Буково е една од 54 нестандардни депонии во земјава кои се со висок ризик за животната средина. При опожарување се чувствува неподнослива миризба, а чадот кој се ослободува во себе носи штетни материи кои го загрозуваат човековото здравје и животната средина.

    Активностите за изградба на регионалната депонија во Новаци сè уште не се почнати, иако според најавите градбата требаше да биде готова до крајот на 2024 година, со што требаше да се затворат сите депонии во државата кои се нестандардни и не се во согласност со препораките на УНЕСКО. Системот за управување со отпадот на новата регионална депонија предвидува и претоварни станици за отпад во Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола, а ќе се формира и јавно меѓуопштинско претпријатие за транспорт и одлагање на сметот.

    Во меѓувреме, сѐ поголем е бројот на диви депонии кои никнуваат како во градот така и вдолж крајбрежјето па и на Галичица.

    „Не можеме да расчистиме мини-депонии колку што граѓаните можат да создадат, повторно и повторно“, велат од ЈП „Охридски комуналец“.

    Според екологистите, инвестирањето во одржливо управување со отпад не е само еколошка потреба, тоа е чекор напред кон подобро јавно здравје, почиста животна средина но и кон поголема ангажираност на сите засегнати страни.

    „Регионалниот систем за управување со отпад е систем кој ќе обезбеди значајни промени и за граѓаните и за животната средина. Со развој на инфраструктура за селектирање и рециклирање, затворање на нелегалните ѓубришта, како и изградбата на регионалните собирни центри и модерни депонии како дел од Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), Северна Македонија ќе се приближи до еколошките стандарди на ЕУ. Без итни реформи и посветена акција на сите нивоа, земјата се соочува со сериозна криза со отпадот, а ризиците по животната средина и јавното здравје ќе продолжат да се зголемуваат, загрозувајќи ги и граѓаните, околината, екосистемите и економијата“, сметаат експертите.

    Собирните центри се дел од регионалниот систем за управување со отпад кој е еден од најзначајните инфраструктурни зафати за земјава со кој ќе треба да се затворат постоечките нестандардни општински депонии и ѓубришта, да се поттикне селекцијата и изградбата на модерни собирни центри за отпад.
    Неодамна во Охрид се финализираше иницијативата за селекција на отпад како дел од активностите кои се основа на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) што претставува значаен чекор напред во градењето на одржлив систем за управување со отпадот.

    Акцијата е спроведена како дел од проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, поддржан од Шведска, имплементиран од SALAR International.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира