ТАРАВАРИ МОЖЕ ДА СИ ПОСТАВУВА ДИРЕКТОРИ ВО ГОСТИВАР, А НЕ ДА МИ КАЖУВА ЗА СКОПЈЕ, ВЕЛИ АРСОВСКА

    ТАРАВАРИ МОЖЕ ДА СИ ПОСТАВУВА ДИРЕКТОРИ ВО ГОСТИВАР, А НЕ ДА МИ КАЖУВА ЗА СКОПЈЕ, ВЕЛИ АРСОВСКАОткако Таравари утрово изјави дека ќе ја раскинат коалицијата во Град Скопје ако Арсовска го разреши директорот Енуз, брат на Цуфи Кока, таа му одговори дека соработката со нив е завршена уште синоќа. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска му кажа на гостиварскиот градоначалник и потпретседател на Алијанса за Албанците Арбен Таравари да си ја гледа работата во Општина Гостивар, а не да ѝ кажува дали може или не да го смени директорот на „Комунална хигиена“ Зуди Енуз од истата партија. Откако Таравари утрово изјави дека ќе ја раскинат коалицијата во Град Скопје ако Арсовска го разреши директорот Енуз, брат на Цуфи Кока кој синоќа беше приведен од полицијата за пукање со пиштол кај плоштадот Скендербег додека таму поминуваше поворката од протестот против францускиот предлог, a за кого лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврдеше дека сакал да го убие, таа му одговори дека соработката со нив е завршена уште синоќа.

    Не ја разбирам вообразеноста и коментарите на господин Таравари, со оглед на тоа што соработката ни е завршена уште вчера. Кадровски решенија може тој лично да си поставува во Гостивар, а не во Скопје. Со личност која напаѓа, која нема етички компас, оправдува во било која форма насилство и напад со огнено оружје како во вчерашниот инцидент и подгрева меѓуетнички тензии, нема основ да се соработува. Скопје е град на соживот, солидарност, во кој нашите сограѓани треба мирно и безбедно да живеат и да се почитуваат“, стои во реакцијата на градоначалничката Арсовска.

    Арсовска синоќа по инцидентот на Плоштадот Скендербег го разреши Енус кој беше поставен на оваа функција по нејзиното доаѓање на градоначалничката функција, откако Алијанса за Албанците ја поддржа на локалните избори.

    Алијанса за Албанците има еден советникот во Советот на Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира