ТЕНДЕРОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ Е ЗАВРШЕН БЕЗ НИЕДНА ЗАБЕЛЕШКА АМА АРСОВСКА НЕ ГО ПОТПИШУВА ДОГОВОРОТ, НЕ КАЖУВА ЗОШТО

    ТЕНДЕРОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ Е ЗАВРШЕН БЕЗ НИЕДНА ЗАБЕЛЕШКА АМА АРСОВСКА НЕ ГО ПОТПИШУВА ДОГОВОРОТ, НЕ КАЖУВА ЗОШТОВаквото однесување на градоначалничката Арсовска го доведува во прашање и грантот од 70 милиони евра кој е доделен на земјава од ЕБОР. (Фото: К. Попов)

    Целата постапка за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје е завршена, но градоначалничката Данела Арсовска не сака да се потпише договорот. Со тоа, овој капитален проект за Скопје финансиран од европски пари стои во место. Проектот за изградба на пречистителната станица чини 137 милиони евра кои се обезбедени преку кредит од Европската инвестициона банка. Ниту Арсовска, ниту новиот в. д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Драган Илиевски под чија надлежност е проектот, не кажуваат зошто тендерот не се потпишува и зошто го кочат овој важен проект за градот. Тие упорно со месеци ги игнорираат сите прашања поврзани со оваа тема од новинарите и од советнците во Советот на Град Скопје.

    Извори на САКАМДАКАЖАМ.МК запознаени со проектот велат дека на никого не му е јасно зошто не се потпишува договор, кога за целата постапка која трае 3 години и се спроведуваше по правила на Европската инвестициона банка (ЕИБ), немало ниту една забалешка и жалба. Велат дека тендерот за избор на надзор и тендерот за избор на фирма која ќе ја гради пречистителната станица е завршен. Притоа за двата процеси немало никакви забелешки и жалби, но договорите од директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Илиевски не се потпишуваат. Илиевски и Арсовска не одговараат ниту на писмата од Европската банка зошто се кочи тендерот.

    „Изборот на фирма-надзор е завршен уште пред неколку месеци. Договорот е дури потпишан од надзорот уште пред еден месец, ама директорот не го потпишува. Завршена е и постапката за избор на фирма која ќе ја гради пречистителната станица. Од Европската инвестициона банка е доставено писмото дека е направен изборот и се чека само одобрување од директорот за да се пристапи кон потпишување на договорот. Но, еве сите чекаме, а не знаеме зошто чекаме. Ова е голем  и доста важен проект за земјава. Не го спроведува само претпијатието туку и луѓе од банката кои го финансисраат“, велат извори на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    За овој проект од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) земјава има добиено грант од 70 милиони евра. Нашите извори коментираат дека ваквото однесување на градоначалничката Арсовска и директорот Илиевски може да го доведе во прашање и опасност грантот кој е доделен.

    И ексминистерот за животна средина Насер Нуредини пред два месеца ја повика Арсовска да го потпише договорот и да не го кочи процесот, бидејќи членството во Европската унија зависи и од овој проект. Во преговарачкиот кластер животна средина, меѓу клучните прашање е делот дали главниот град има пречистителна станица за отпадни води.

    „Од Банката велат дека нема забелешки и ништо спорно во спроведувањето на постапката. Завршена е евалуацијата на понудите и сега се чека да се достави крајниот извештај врз основа на кој ќе треба да се избере фирма. Ако градоначалничката Данела Арсовска го поништи тендерот ќе се изгубат најмалку три години“, изјави Нуредини лани во ноември.

    За оваа тема градоначалничката Арсовска беше прашана и на последната седница на Советот на Град Скопје која се одржа пред 10 дена. Советникот Никола Пановски ја праша Арсовска зошто нема никакви информации за овој проект и дали и за него како и за Бас рапид транзит (БРТ) системот ќе плаќаме пенали зотоа што Градот не го реализира, но не доби одговор од Арсовска.

    САКАМДАКАЖАМ.МК во неколку наврати побара средба со Арсовска за разговор на неколку теми меѓу кои и пречистителната станица, но одговор на нашето барање нема. Не телефонските повици и пораки со барање за средба не ни одговара, а на ретките прес-конференции на кои  ќе се појави кога ќе побараме термин за разговор ни вели ‘ќе се договориме‘ и заминува.

    Одговор зошто не се потпишува договорот побаравме и од в. д. директорот на „Водовод“ Драган Илиевски. И тој не одговараше на нашите телефонски повици ниту на пораките во кои му наведовме дека ни е потребна изјава во врска со овој капитален проект за градот.

    За проектот пречистителна станица Арсовска се скара со ВМРО-ДПМНЕ откако во септември лани го разреши директорот Златко Перински обвинувајќи дека го фатила со ‘рачиња во мед‘. За ваквите обвинувања на Арсовска досега нема никаква постапка.

    Постапката за пречистителна станица за отпадни води започна во декември 2019 кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а директор на „Водовод и канализација“ Душко Весковски. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека во 2025 Скопје ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар.

    Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево и ќе биде со капацитет за 500.000 жители.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира