ТЕРОРИСТОТ ОД ВИЕНА Е РОДЕН АВСТРИЕЦ И НИКОГАШ НЕ БИЛ ВО ЧЕЛОПЕК, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ ОД ТЕТОВСКОТО СЕЛО

    ТЕРОРИСТОТ ОД ВИЕНА Е РОДЕН АВСТРИЕЦ И НИКОГАШ НЕ БИЛ ВО ЧЕЛОПЕК, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ ОД ТЕТОВСКОТО СЕЛОЖителите на Челопек го осудуваат терористичкиот чин и се плашат дека сега сите оние кои се од ова село, а работат во Австрија, ќе имаат многу проблеми но и дека тоа ќе направи лоша слика за Макдонија. (Фото: СДК.МК)

    Веста дена терористот кој го изврши вчерашниот напад во срцето на Виена во кој загинаа четири лица е по потекло од село Челопек, силно ги вознемири жителите на ова тетовско село. Уште повеќе што повеќето од нив го знаат семејството на терористот кого полицијата го уби при нападот, а за кое имаат само пофални зборови.

    Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер денеска изјави дека напаѓачот е идентификуван како 20-годишниот Кујтим Фејзулаи, роден во Виена, но кој имал и австриско и македонско државјанство. Неговите родители се со потекло од Челопек. Тој е опишан како симпатизер на Исламска држава, кој одлежал неколку месеци затвор во 2019 година за обидот да замине да се бори во Сирија. Нехамер потврди дека Фејзулаи предвреме бил пуштен од затвор откако поминал низ процес на дерадикализација. Пред нападот, Фејзулаи објавил фотографија на Инстаграм, на која позира со оружје. Тој во нападот користел автоматска пушка, пиштол, мачета и лажен елек со експлозив.

    Во Челопек, село на десетина километри од Тетово сместено на падините на Сува Гора, денеска повеќето од селаните не сакаа многу да зборуваат и како да чувствуваа срам што некој со потекло од нивното село направил такво злодело.

    „Јас не го знам Кујтим, тој е роден во Австрија но, му го знам таткото му Јусуф. Тој пред многу години заминаа во Хрватска на работа и таму долго време престојувал, а потоа со семејството отишол во Австрија. Многу добро семејство се. Сега во селото нема никој од нивното семејство. Кујтим, тој што пукал, никогаш не бил во Челопек. Зошто го направил тоа не знам. Тој во декември бил пуштен од затвор во Австрија, па сега слушнавме дека таму имало некоја група но, дали тоа влијаело врз него, навистина не знам. Жал ми е за тие што погинаа таму. Кога изутринава прочитав за ова, бев многу загрижен како тоа ќе се одрази на нас овде во селото и уште повеќе на сите оние од Челопек кои живет во Виена и Австрија, а нив ги има многу. Ова што тој го направил е голема срамота, тој нема памет тоа што го направил. Како би се чувствувле ние сега некој да дојде овде со автомат и да пука, страшно!“, вели кафеџијата од селската кафеана на центрот во селото.

    Ваквиот терористички чин го осудуваат и другите жители на Челопек.

    „Ова нѐ погоди сите и фрла голем товар врз сите нас од село Челопек. Колку што знам јас, целото негово семејство уште од поодамна е ислелено во Виена. Како семејство беа многу примерни. Ова сепак е поединечен случај но, нас како жители на Челопек овој настан многу не оптеретува. Сега се плашам дека сите оние кои се од Челопек, а работат во Австрија ќе имаат многу проблеми но, не само за селото туку и за цела Севeрна Макдонија од ова ќе има негативна рефлексија кога ќе се спомене од каде бил тој. Овој настан сите од селото го осудуваме“, вели Јусуф Бејтулаи од Челопек.

    Селото има неколку илјади жители и спаѓа во едно од најголемите села во Долно-Полошкиот Регион. Поголемиот дел од жителите се од албанска, а еден помал дел се од македонска националност.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира