ТЕТОВО КОНЕЧНО ЌЕ ДОБИЕ ЈАВЕН ПРЕВОЗ, СО КРЕДИТ ОД СВЕТСКА БАНКА КУПЕНИ ПЕТ АВТОБУСИ

    ТЕТОВО КОНЕЧНО ЌЕ ДОБИЕ ЈАВЕН ПРЕВОЗ, СО КРЕДИТ ОД СВЕТСКА БАНКА КУПЕНИ ПЕТ АВТОБУСИАвтобусите ќе бидат пуштени во сообраќај откако ќе се изгласа цената на картата. (Фото: СДК.МК)

    Неколку години откако Општина Тетово го формираше јавното претпријатие „Тетово транспорт“, конечно стигнаа и првите автобуси. Градоначалничката Теута Арифи и министерот за финансии Фатмир Бесими денеска ги претставија петте автобуси со кои градот конечно ќе добие јавен превоз. Сепак, тие нема веднаш да бидат ставени во употреба, бидејќи Советот на Општината допрва ќе треба да донесе одлука за висината на возниот билет.

    „На наредната седница на Советот на Општина Тетово од ЈП ‘Тетово транспорт‘ ќе излезат со предлог за висината на патниот билет, а ќе биде презентирана и рутата по која ќе се движат автобусите. Очекуваме ова брзо да се реализира и јавниот превоз во Тетово да влезе во функција“, изјави градоначалничката Арифи.

    На новинарско прашање дали таа би го користела градскиот превоз, Арифи рече: „Јас повеќе сакам да пешачам ама ќе ми биде големо задоволство да го користам нашиот јавен превоз“.

    Министерoт за финансии Фатмир Бесими кажа дека парите за набавка на автобусите се обезбедени преку кредит од Светска банка.

    „Добиен е кредит од Светска банка во висина од 1,2 милиони евра, со 13 години рок на отплата, 3 години грејс период и со годишна камата од 3 отсто. Од овие средства, за набавка на автобусите се реализирани само 720.000 евра, а останатите пари ќе се употребат за други инфраструктурни проекти во Општината“, рече Бесими.

    Останува да се види во наредниот период дали и како ќе функционира градскиот превоз во услови кога во градот владее вистински сообраќаен хаос. На сообраќајниците каде треба да се движат автобусите постојано има паркирано коли и тешко да се помине со патничко возило, а не пак со автобус.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира