Во изминативе десетина денови, во Тетовскиот Регион се забележува тренд на намалување на бројот на заболени од ковид-19, додека се зголемува на бројот на оздравени лица. Во овој период има 104 новозаболени , а 203 оздравени. Во периодот од 14 до 20 декември биле регистрирани 206 новозаболени, а помеѓу 30 ноември и 6 декември 293.
И покрај видното намалување на бројот на заболени лица, од тетовскиот Ковид-центар велат дека не смее да има опуштање, бидејќи со помасовното доаѓање на нашите печалбари во родниот крај, кое деновиве се случува, постои реална опасност од ново зголемување на бројот на заболени. Токму затоа, во кругот на Тетовската клиничка болница започна поставување монтажен објект на модуларна болница наменета за згрижување на новите болни.
„Сега, во овој момент не ни е потребен монтажен објект но, за две недели не знаеме што може да се случи. Се плашиме дека ќе има зголемен број заболени бидејќи многу луѓе се дојдени од Западна Европа на одмор во родниот крај. Токму затоа, наредниот месец се очекува да биде поставена оваа модуларна болница во кругот на Клиничката болница во Тетово. Таа треба да има 35 легла и ќе има површина од 590 квадратни метри. Објектот ќе има и своја лабораторија. Засега е поставена бетонска подлога за објектот кој е лоциран веднаш до пристапниот пат“, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид-центарот во Клиничката болница во Тетово.
Бројот на хоспитализирани лица во тетовската болница се движи меѓу 30 и 35 лица и засега има доволно слободни кревети како и персонал кој се грижи за заразените лица.
З. АНДОНОВ