ТЕТОВО СО 5-ЧАСОВНИ РЕСТРИКЦИИ НА ВОДА ОТИ ПАК ИМА ДЕФЕКТ НА ЦЕВКОВОДОТ ОД ЛЕШНИЦА

    ТЕТОВО СО 5-ЧАСОВНИ РЕСТРИКЦИИ НА ВОДА ОТИ ПАК ИМА ДЕФЕКТ НА ЦЕВКОВОДОТ ОД ЛЕШНИЦАЛани имаше неколку поголеми дефекти на овој цевковод, а последниот беше во декември. (Фото: СДК.МК)

    Не помина ниту еден месец и повторно се случи голем дефект на цевководот со кој од месноста Лешница се зафаќа водата за пиење за Тетово. Дефектот предизвика затварање на цевководот, а со тоа и намален доток на вода во градот за околу 100 литри во секунда, поради што пак се воведоа по 5-часовни рестрикции.

    „На 5 јануари, во водоводната мрежа на Лешница настана дефект кој следниот ден беше саниран. Потоа повторно е забележано намалување на дотокот на водата, по што откривме и локализиравме уште еден дефект, кој настана поради лизгање на контролен бунар на водоводната мрежа кој ја носи водата од Лешница до филтер станицата кај село Лисец. Сега, додека не се санира и овој дефект, до градот од изворите на Шар Планина и од активираните градски бунари, доаѓаат само 160 литри вода во секунда и оваа количина не е доволна за нормално и рамномерно снабдување на граѓаните. Поради ова, додека целосно не се отстрани дефектот, принудени сме навечер од полноќ па до 5 часот изутрина да правиме рестрикции во снабдувањето со водата за пиење“, соопшти ЈКП „Тетово“.

    Минатата година имаше неколку поголеми дефекти на овој цевковод, од кои последниот беше во декември, поради кои имаше и по неколку денa рестрикции на водата за пиење. Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, неодамна изјави дека овој водовод е многу лошо проектиран и направен и дека биле воочени дури 8 критични точки каде често настануваат дефекти.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира