ТЕТОВСКИ КОМУНАЛЕЦ ПОЧНА ДА ГО ЧИСТИ СНЕГОТ ДУРИ ПОПЛАДНЕВО И ТОА САМО НА ГЛАВНИТЕ УЛИЦИ

    ТЕТОВСКИ КОМУНАЛЕЦ ПОЧНА ДА ГО ЧИСТИ СНЕГОТ ДУРИ ПОПЛАДНЕВО И ТОА САМО НА ГЛАВНИТЕ УЛИЦИНа коловозот на булеварот Илинденска, една од главните сообраќајници во градот, има десетина сантиметри снег и мраз и движењето по неа е крајно отежнато (Фото: СДК.МК)

    Снегот што во Тетово ноќеска наврна над дваесетина сантиметри, ги изненади тетовските комуналци. И додека на ваквата состојба од минатата недела се интервенираше навреме и уште во текот на ноќта главните тетовски улици беа исчистени од снегот, овој пат механизацијата се појави некаде околу пладне и тоа ги чистеше улиците само во центарот на градот. На коловозот на булеварот Илинденска, една од главните сообраќајници во градот, има десетина сантиметри снег и мраз и движењето по неа е крајно отежнато. Дополнителен проблем се паркираните возила од кои дел се и непрописно паркирани, па сообраќајот се одвива со многу бавно темпо.

    Револтирани се жителите на Тетово, а посебно  дуќанџиите.

    „Еве, веќе е пладне а улица уште не е исчистена. Требаше да ни дојде фургон со производи, но не може да се паркира од неисчистениот снег. Но, наспроти ова од општинската инспекција постојано доаѓаат и не предупредуваат да сме го исчистиле тротоарот пред дуќаните во спротивно ќе не казнат. А сега кој нив да ги казни што не ги чистат улиците за да може ние нормално да работиме?“ вели дуќанџија од улица Јане Сандански, која е една од главите сообраќајници во градот.

    Освен низ тетовските улици, сообраќајот отежнато се одвива и кон Попова Шапка, за каде важи забраната са сообраќај на автобуси и товарни возила, а за патничките возила задолжителна е употребата на зимска опрема. Во отежнати услови се одвива и сообраќајот кон Јажинце и границата со Косово.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари