Со десетина трактори и приколки полни со лубеници и дињи, тетовските бостанџии денеска еден час протестираа пред зградата на Општина Тетово. Тие бараа од полицијата да престане да ги казнува и брка од тротоарите и улиците околу градскиот пазар каде продаваат лубеници, а од локалната власт бараат конечно да одреди место каде тие ќе можат непречено да се паркираат и да ги продаваат своите производи.
„Полицијата постојано нé брка и нé казнува бидејќи продаваме на тротоарите околу градскиот пазар. Ова не е вака само оваа година, со овој проблем се среќаваме дваесетина години на ред и тој никако да се реши. Досега неколку пати сме барале од повеќе градоначалници на Тетово конечно да одредат едно место каде ние ќе можеме непречено да ги продаваме нашите производи, односно да направат еден пазар на големо како што има во секој град во Македонија. Ние сме жители на Џепчиште, Порој и живееме само од земјоделие. Ако сега не го продадеме родот, како ќе преживееме? Но не е проблемот само со продажбата на бостанот, истото се случува и наесен, кога ќе дојдеме да го продаваме пиперот. Не можеме да продаваме внатре во Зелениот пазар бидејќи нема доволно место и затоа мораме со тракторите и приколките да се паркираме по околните улици и тротоари. Знаеме дека полицијата е во право и дека вака го попречуваме сообраќајот, но што да правиме, ние живееме од ова. Досега ниту полицијата, ниту Општината имаат разбирање за нашиот проблем“, вели Јонуз Муареми од село Порој.
Додека траеше протестот, улицата каде се наоѓа општинската зграда беше целосно брокирана за сообраќај. По извесно време, делегација на бостанџиите што протестираа пред Општината беше примена од преставниците од локалната влас.
„Од Општината ни рекоа дека ќе се консултираат и дека наскоро ќе се реши овој проблем. А дали навистина ќе се реши и кога, ќе видиме“, рече Јонуз Муареми по завршувањето на разговорите со општинските власти. По ова, бостанџиите се разотидоа со надеж дека конечно ќе се реши овој долгогодишен проблем.
З. АНДОНОВ