Над 24 милиони евра е долгот на Општина Тетово, кажа градоначалникот Билал Касами. На денешната прес-конференција, Касами кажа дека од вкупно 24 милиони евра долгови, 14 милиони се на името на Општина Тетово, Јавното комунално претријатие Тетово должи 9,7 милиони евра, 187 илјади е долгот на ЈП „Градски паркинг“ и 77 илјади евра должат училиштата.
„Владата дел од долгот им ги отплати на Општините. Општина Тетово декларираше 15 милиони евра долг од кои 7,5 милиони беа исплатени од Владата. За само четири години, во вториот мандат на Теута Арифи, тој долг е зголемен на 24 милиони од кои 14 создаден само за 4 години. Само три месеци пред локалните избори има долг од три милиони евра за проекти. Тие проекти сега се испратени до Антикорупциска комисија да се види дали се според законот. За сите луѓе кои се инволвирани ќе се бара да дадат одговор“, рече градоначалникот Касами.
Касами најави неколку активности со кои планира да го намали долгот на Општината и посочи дека ангажирал внатрешна ревизија која детално ја анализира структурата на долговите.
„Во текот на следната недела од кога ќе имаме поконкретна информација ќе објавам еден значаен дел од долгот кој е направен само преку една институција односно едно физичко лице. Тој дел ќе се намали со обжалување на сите решенија кои се донесени и ќе се ангажира и адвокатска куќа која ќе ги анализира сите постапки односно тоа што не е постапено од Општината и се надеваме дека тој дел кој не е реален ќе биде тргнат од обврски на Општината. За другиот дел кој е кон приватниот сектор, јас сум во постојана комуникација со сите приватни оператори кои имаат докажано првична спремност, делот од затезните камати да не го калкулираат и да не ни го наплатат. Исто така некои од нив се заинтересирани и имаат покажано подготвеност делот од долгот да го намалат со цел Општина Тетово да оди напред“, посочи Касами.
З. АНДОНОВ