ТИЕ ШТО ПРЕЖИВЕАЛЕ УСПЕАЛЕ ДА ИЗЛЕЗАТ НА ПОЧЕТОКОТ НА ПОЖАРОТ, ОТИ ШИРЕЊЕТО НА ОГНОТ И ТЕМПЕРАТУРАТА БЕА НЕВИДЕНИ, ВЕЛАТ ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ

    ТИЕ ШТО ПРЕЖИВЕАЛЕ УСПЕАЛЕ ДА ИЗЛЕЗАТ НА ПОЧЕТОКОТ НА ПОЖАРОТ, ОТИ ШИРЕЊЕТО НА ОГНОТ И ТЕМПЕРАТУРАТА БЕА НЕВИДЕНИ, ВЕЛАТ ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИПожарникарот Игор Симовски бил во првото противпожарно возило кое пристигнало додека гореше тетовскиот Ковид-центар. (Фото: СДК.МК)

    Два дена по страотната несреќа, кога се запали и целосно изгоре модуларната ковид болница во Тетово и загинаа 14 болни, тетовските пожарникари кои беа меѓу првите што пристигнаа веднаш по избивањето на пожарот, се во шок. Противпожарната станица е оддалечена од болницата помалку од еден километар, па првите возила биле на местото на пожарот за неколку минути. Но и покрај брзата интервенција, силината на огнот ги оневозможила да влезат во објектот кој горел за да спасат од пациентите кои биле внатре.

    Со првото противпожарно возило кое пристигнало на местото на пожарот бил и пожарникарот Игор Симовски кој раскажува за страотната слика што ја затекнал во тој момент.

    „Откако го добивме повикот, противпожарното возило за 4 минути беше на местото каде изби пожарот. Кога стигна првото возило, целата болница од почетокот до крајот беше во пламен. Температурата беше огромна и немаше шанса ниту еден пожарникар да влезе. Ние што бевме на смена и тие пожарникари кои што беа повикани од дома, се трудевме првин да го изгасиме огнот, а дури потоа да влеземе и да ги спасиме луѓето. Во тој момент струјата во објектот не беше исклучена, а не беше исклучен ниту доводот на кислород. Пожарот се гасеше под огромен ризик, бидејќи лесно можеше да настрада некој пожарникар или од струен удар или од експлозија на некој од садовите со кислород. Тоа и се случи подоцна кога влеговме“, вели пожарникарот Игор Симовски.

    Тетовските пожарникари досега гаселе голем број пожари, но како што велат, со ваков силен оган, каков што наишле при пожарот во модуларната болница, не паметат дека гаселе. Високата температура на огнот и неговото екстремно брзо ширење биле главната причина што има и толкав број жртви од огнената стихија.

    „Јас сѐ сум видел, ама вака да гори досега немам видено. За минута или две веќе целиот објект бил во пламен. Кислородот што бил внатре го зголемил интензитетот на огнот. Истрагата нејверојатно ќе си го каже своето, но ние знаеме дека кислородот најмалку за пет пати ја зголемува силата и температурата на огнот. Од задната страна на болницата имаше паркирано автомобили и тие беа оддалечени еден до еден и пол метар од објектот, но сите беа стопени од високата температура на огнот. Ако во тој момент пожaрникар би влегол во огнот да се обиде да спаси некого, заштитната опрема може да му помогне не повеќе од триесет секунди“, вели Симовски и додава:

    „Гасењето на пожарот беше под голем ризик за нас пожарникарите, ама тука морам да ја истакнам големата храброст на моите колеги, кои бестрашно се бореа со огнената стихија иако беа свесни за опасноста од струен удар како и можноста од експлозија. Кога влегов во опожарениот објект, во непосредна близина ми експлодира сад со кислород веднаш до нозете. За среќа, опремата што ја имав иако е стара повеќе од 20 години, ме спаси па поминав со полесни повреди. Ме однесоа на Одделението за хирургија каде ми укажаа помош. Во гаснењето на пожарот беше полесно повреден уште еден пожарникар. И покрај сите наши напори кои ги вложивме, многу ми е жал што не можевме да ги спасиме луѓето кои беа внатре. Првите тела ги извадивме од предната страна на болницата. Тие што преживеале успеале да излезат на самиот почеток кога избил пожарот, другите ја немаа таа среќа“, со голема тага зборува Симовски.

    По страотниот пожар од модуларната ковид-болница остана само металната конструкција како сведок и потсетник на големата трагедија која го погоди Тетово. Причините за пожарот сѐ уште се истражуваат, како и утврдувањето на нечија евентуална одговорност за сторените пропусти. Она што остана од модуларната болница е под надзор на полицијата сè додека не заврши истрагата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира