ТОНИ МАНЏА ДОБИ 13 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА РАЗБОЈНИШТВОТО ВО КАЗИНО ВО ГЕВГЕЛИЈА

    ТОНИ МАНЏА ДОБИ 13 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА РАЗБОЈНИШТВОТО ВО КАЗИНО ВО ГЕВГЕЛИЈАТони Кечев-Манџа тврди дека е жртва на монтиран случај (Фото: СДК.МК)

    Тони Кечев (40) од Гевгелија, познат како Манџа, доби неправосилна казна затвор од 13 години за кривичните дела разбојништво и недозволено држење огнено оружје. За првото дело доби 10 години, а за второто четири години, што беше претворено во единствена казна од 13 години затвор.

    Петчлениот судски совет при Основен суд Велес, со кој претседаваше судијата Бојанчо Донев, го прогласи Кечев за виновен за настанот од 9 јануари годинава во Гевгелија, кога во електронското казино „Магнум“ со пушка, која нелегално ја поседувал, им се заканил на вработените и извршил разбојништво. Според обвинението, Кечев, маскиран со шал преку лицето, влегол во казиното од задниот спореден влез и ја вперил пушката кон касиерот, давајќи му знак со оружјето да се оддалечи. Касиерот ја послушал наредбата и го напуштил просторот. Тогаш обвинетиот одзел 207.000 денари кои се наоѓале во касата и го напуштил казиното.

    Одлуката да го прогласи Кечев за виновен судот ја темели на биолошките докази, ДНК најдена на ловечката пушка, марка „чешка збројевка“, која се совпаѓа со таа на обвинетиот. Пушката е најдена во вреќа утрото на 22 февруари, кога бил уапсен во нивите во околината на Мрзенци.

    Кечев не признава дека тој е сторител.

    „Пиштол сум имал, но пушка никогаш. Жртва сум на монтиран случај. Пушка и патроните на кои има мои отпечатоци првпат ги видов во полициската станица кога ме уапсија и ми ги дадоа да ги држам, затоа има моја ДНК. Отсекогаш сум бил десна рака на полицијата и сум помагал. Направив беља, убив човек, но сфатив дека сум згрешил и се сменив. Сега сум мирен, дваесет години поминав во затвор досега и се сменив“, рече во своја одбрана Кечев.

    Оваа пресуда не е правосилна.

    Истовремено, во Основен суд Гевгелија на Кечев му се судеше за тешка кражба во два стана и два маркета, за што доби две и пол години затвор. Оваа пресуда е правосилна и извршна.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари