ТРЕБА ДА СЕ ЗАПОЗНАЕМЕ ЗА ДА СЕ РАЗБЕРЕМЕ, РЕКОА ШИЛЕГОВ И КАМИНИС ПО ПОТПИШУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА СОРАБОТКА

    ТРЕБА ДА СЕ ЗАПОЗНАЕМЕ ЗА ДА СЕ РАЗБЕРЕМЕ, РЕКОА ШИЛЕГОВ И КАМИНИС ПО ПОТПИШУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА СОРАБОТКАШилегов и Каминис денеска во Музејот на современа уметност договорија Скопје и Атина во иднина да реализираат заеднички проекти и да разминуваат искуства во повеќе области, како што се урбанизмот, транспортот, туризмот, социјалната политика, дигитализацијата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Треба да се запознаеме меѓу себе, за да се разбереме и така ќе градиме пријателски односи, рекоа градоначалниците на Скопје и Атина, Петре Шилегов и Јоргос Каминис, на денешното потпишување на Договор за соработка меѓу двата градови.

    Шилегов и Каминис денеска во Музејот на современа уметност договорија Скопје и Атина во иднина да реализираат заеднички проекти и да разминуваат искуства во повеќе области, како што се урбанизмот, транспортот, туризмот, социјалната политика, заштита на животна средина, дигитализацијата.

    „Убедливо најлесно е да се скараш со некого, а најтешко е да градиш добри односи. Ние денеска го отвораме патот кон меѓусебно приближување. Имаме силна волја и капацитет да го зацврстиме нашето пријателство и овој договор наредниот период ќе отвори соработка на повеќе полиња на двете администрации“, рече Шилегов.

    Атинскиот градоначалник Јоргос Каминис рече дека не дошол во Скопје да разговараат за името туку да ги поврзат граѓаните на двата главни градови.

    „Билатералните односи не треба да не спречат да имаме добри односи меѓу градовите, ние треба да работиме за доброто на нашите граѓаните, кои очекуваат да им служиме и преку соработка тоа ќе го направиме. Не треба да се водиме од стереотипите. Тука сме да им покажеме на граѓаните дека кога почнувате со некого отворено да соработувате, можете подобро да го разберете и тој вас“, рече Каминис.

    Одговарајќи на новинарско прашање дали ги видел спомениците низ Скопје и што мисли за нив Каминис рече дека немал можност да се прошета низ градот но ги видел на фотографии.

    „Местото на скулптурите е на историјата и во музеите. Живееме во 21 век и треба да гледаме напред, како да градиме подобра иднина за граѓаните Скопје и Атина“, додаде Каминис.

    Ова е прва официјална посета на градоначалник на Атина на Скопје. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во февруари беше во Атина, каде беше договорено потпишување на договорот во Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира