ТРЕСКАВЕЦ Е СПАСЕН, НО ПИРОМАНИ ГО ПЕПЛОСАА ШУМСКОТО БОГАТСТВО КАЈ ПРИЛЕП

    ТРЕСКАВЕЦ Е СПАСЕН, НО ПИРОМАНИ ГО ПЕПЛОСАА ШУМСКОТО БОГАТСТВО КАЈ ПРИЛЕППожарот е намерно предизвикан, но сè уште сторителот е непознат. Денеска екипа на крим полиција ќе врши увид на терен, ќе се утврдуваат штетите во викендиците, велат од противпожарната служба на Прилеп (Фото: СДК.МК)

    Ноќеска по втор ова лето е спасен манастирот Трескавец кај Прилеп, но опожарени се многу викенд куќи во месноста Заград. Како што истакнуваат од Противпожарната служба (ТППЕ) и денеска во интервенциите е вклучен авион на АРМ, за да се совлада стихијата, која што беснее од 23 овој месец и како огнен прстен се шири околу градот.

    „Пожарот е намерно предизвикан, но сè уште сторителот е непознат. Денеска екипа на крим полиција ќе врши увид на терен, ќе се утврдуваат штетите во викендиците. А, дополнително ќе се утврдуваат и штетите врз шумското богатство, зашто ова лето изгореа многу хектари со борова, дабова густа и ретка шума, насади со смрека, капини … “, вели Станко Колески, командир на ТППЕ од Прилеп.

    Прилепчани се гневни, зашто втор месец горат шумите во околината на градот (Фото: СДК.МК)

    Крак на овој пожар од Дабница беснее во атарот на Небрегово. Освен овој, распламтен пожар ја пеплосува ретката дабова шума во атарот на село Фариш на граница со Општина Кавадарци. Поради недостиг на жива сила и возила, во гаснење на стихијата на оваа локација, се вклучени работници од ЈП Македонски Шуми-Црн Бор и од кавадаречката ТППЕ.

    Прилепчани се гневни, зашто втор месец горат шумите во околината на градот. Од ТППЕ се постојано на терен, се помага и со дополнителни ресурси од јавните претпријатија, волонтери, од Дирекцијата за заштита и спасување и од АРМ. Но, по извојуваната битка, повторно се активираат нови пожари. Полицијата не откри ниту еден подметнувач на пожарите, а целата ситуација добиваа и политички призвук во чаршијата. Според едни граѓани, подметнувачите се партиски инструирани граѓани од ВМРО-ДПМНЕ со цел да се фрли дамка врз работата на централната власт, дека не се справува со стихијата. Според други, пироманите се иницирани од другата опција на власт, за да се евидентираат што повеќе негативни поени на локалната власт, во периодот пред изборите.

    Чаршиските конструкции сигурно ќе продолжат сè додека полицијата не излезе со факти. А, еколошка карта на регионот е ужасна. Околните шуми со години се уништувани од дрвокрадците, на кои што власта на ВМРО-ДПМНЕ им дозволуваше да си го развиваат бизнисот во замена за гласови. Многу реони се изложени на ерозија, а штетите од пожарите само дополнително го ретчат шумското богатство.

    М. ТАЛЕСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира