ТРЕТ ДЕН ГОРИ ДЕПОНИЈАТА ВО БЛИЗИНА НА СЕЛО ВОЛКОВИЈА, НЕ СЕ ЗНАЕ КАКОВ ОТПАД СЕ НОСЕЛО

    ТРЕТ ДЕН ГОРИ ДЕПОНИЈАТА ВО БЛИЗИНА НА СЕЛО ВОЛКОВИЈА, НЕ СЕ ЗНАЕ КАКОВ ОТПАД СЕ НОСЕЛООд Државниот инспекторат за животна средина велат дека сопственикот на депонијата имал дозвола да складира неопасен отпад, но сé уште немаат информации каков отпад бил оставен на депонијата.(Фото: СДК.МК)

    Трет ден како гори запалениот смет на депонијата кај тетовското село Волковија. Непријатната миризба и задушливиот чад се чувствуваше ноќеска и денес до пладне низ целата Полошка Котлина. Ветерот кој попладнево почна да дува малку го растера чадот па тетовци можат полесно да дишат, но пожарот на запалената депонија сé уште не е изгаснат.

    Тетовските пожарникари во текот на вчерашниот ден и ноќеска гаснеле делови од запалената депонија, но пожарот, односно тлеењето на запалениот смет уште не можат целосно да го изгаснат.

    „Пожарот уште е активен и има чад на депонијата. Вчера со директорот на ЦУК бевме на лице место и заклучивме дека за целосно гаснење на пожарот треба да се ископа дупка и целата депонија да се затрупа со земја. Ние досега на гаснење пративме 40 камиони со вода, но тоа ништо не помага да се изгасне огнот кој тлее во длабочината на депонијата. Вчера на некои места газевме и со смеса за задушување на огнот, ама и тоа многу не помага. Во гаснењето на пожарот учествуваме само ние, тетовките пожарникари, а треба да се вклучат и другите институции, како што е ЦУК кои вчера само дадоа совети, а ништо не преземаат за гаснењето“, изјави Авни Амети командир на Противпожарната единица во Тетово.

    Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека сопственикот на депонијата имал дозвола да складира неопасен отпад, но сé уште немаат информации каков отпад бил оставен на депонијата.

    „Дел од документацијата не е уште доставена. Во МВР била документацијата, во 15 часот треба да се достави до Инспекторот. Според податоците од Министерството за животна средина дадени се две дозволи. Една е за третман за складирање на отпад, тоа е дека може да работи на таа локација хартија, пластика и железо. И втората дозвола му е собирање и транспорт на комунален и неопасен отпад. Има дозвола за складирање и третман на железо, но не смеел да носи комунален отпад на таа локација, туку, согласно на дозволата што има, требал да го транспортира директно во депонија Русино. А дали на депонијата носел и комунален отпад од општините со кои има склучено договор, тоа ќе го провери инспекторот и доколку го утврди тоа, тогаш ќе има соодветна санкција и забрана за работа согласно законот за управување со отпад и законот за животна средина“, се вели во соопштението испратено од директорот на државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски.

    Од ЦУК соопштуваат дека и тие извршиле инспекциски надзор на запалената депонија, но не соопштуваат дали депонијата, која имала добиено концесија од Министерството за животна средина, била изградена и дали работела според пропишаните правила.

    „По добиена информација за опожарување на депонијата за комунален смет лоцирана на нива во близина на село Волковија, Виш инспектор за животна средина и Државен Инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Полошки регион, Канцеларија Гостивар, извршија вонреден инспекциски надзор на лице место. Правниот субјект ДТУ „Еко Ливинг“ ДООЕЛ Чегране -Гостивар, има концесија добиена од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за управување со депонија за депонирање на комунален отпад на која се депонира отпадот од Општина Брвеница“, велат од ЦУК.

    Денеска му беше поднесена пријава на сопственикот на запалената депонија кој во вторникот, а исто така и вчера, агресивно се однесуваше со новинарските екипи, им упатуваше навреди и закани и не дозволуваше да се снима запалената депонија, најверојатно сакајќи нешто да прикрие.

    „Денеска во Полициското одделение Жеровјане бил извршен службен разговор со А.С.(38) од Чегране, гостиварско, сопственик на депонија, по што му била изготвена пријава по член 13 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Имено, вчера (23 август), околу 12.30 часот во месноста „Димновица“, атар на тетовско Стенче, А.С. се однесувал агресивно, ги попречувал во работата и се заканувал на С.З.(35) и Б.П.(36), двајцата од Тетово, кои извршувале професионални задачи како новинари“, се вели во соопштението од СВР Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира