ТРГОВЦИ ВО БИТОЛА НЕМА ДА ПРОДАВААТ БЕЛ ЛЕБ ОТКАКО ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА СЕ ПРОДАВА ПО НАБАВНА ЦЕНА

    ТРГОВЦИ ВО БИТОЛА НЕМА ДА ПРОДАВААТ БЕЛ ЛЕБ ОТКАКО ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА СЕ ПРОДАВА ПО НАБАВНА ЦЕНАДел од маркетите нема да продаваат бел леб оти немаат заработувачка. (Фото: СДК.МК)

    Дел од продавниците во Битола кои се занимаваат со трговија на мало, на купувачите им најавиле дека денеска нема да продаваат леб, зашто немаат заработувачка од продажба на тој прехранбен продукт. Ваков чекор размислуваат да преземат откако Владата, во сетот донесени мерки за заштита на животниот стандард, одлучи да се замрзнат трговските маржи на основни производи за човечка исхрана, со што белиот и полубелиот леб, сончогледовото масло и брашното тип-400 се продаваат по набавна цена.

    „Јас на дневна основа продавав 320 векни бел леб, сега треба да ги продавам без ни денар заработувачка. Ние во овој бизнис живееме од маржата. Ова ни е семеен бизнис и немаме други примања. Бидејќи нема најави за промена на оваа мерка, одлучивме да не продаваме пекарски леб. Ќе го има само интегралниот и црниот сечен на парчиња на кој не е забрането да се стави маржа. На купувачите им кажавме друг леб да си набават од пекара“, велат неколкумина сопственици на колонијални продавници во Битола.

    Има и маркети кои ќе продолжат да продаваат леб иако продажните цени не им одговараат, но сопствениците велат дека стравуваат од инспекција.

    „Им кажавме на надлежните институции дека оваа мерка не ни одговара, но ни беше речено дека имаме маржи на другите производи, па да го прошириме асортиманот“, велат битолски трговци.

    Од Владата соопштија дека за ваквите мерки добиле согласност од двете стопански комори, а ги донеле за заштита на животниот стандард на граѓаните од поскапувањата.

    Пратениците синоќа ги донесоа измените на Законот за додадена вредност и Законот за акцизите, со што лебот, шеќерот, белото брашно, маслото за јадење, јајцата и оризот, од денеска ќе бидат ослободени од данок на додадена вредност (ДДВ). Со усвоените измени ДДВ-то се намалува од 18 на 10 отсто за горивата, а пратениците ја намалија акцизата на сите видови горива од 1,2 до 4, 7 денари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира