ТРИ ГЕНЕРАЦИИ ЛУЃЕ ФАНТОМИ ЖИВЕАТ БЕЗ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ ВО ТЕТОВО

    ТРИ ГЕНЕРАЦИИ ЛУЃЕ ФАНТОМИ ЖИВЕАТ БЕЗ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ ВО ТЕТОВОПрашање е како ќе се запишат во Матичната книга ако немаат државјанство; - Околу 300 луѓе, најмногу во ромското маало во Тетово живеат без никакви лични документи (Фото: СДК.МК)

    На излезот од Тетово, на двете страни од реката Пена се наоѓа една од поголемите ромски населби во градот. Околу 150 нејзини жители живеат во импровизирани бараки во крајно тешки услови, нема асфалтирани улици, нема канализација, нема вода, нема струја. Оваа дива населба е формирана во првите години по осамостојувањето на Македонија, а значително се прошири после конфликтот на Косово во 1999, кога голем број Роми од оваа тогашна српска покраина побегнаа во Македонија. Нејзините жители преживуваат собирајќи пластични шишиња од контејнерите и од депониите, се бават со ситна трговија, а не ретко можат да се видат и како питачат по тетовските улици. Најголемиот дел од нив се социјални случаи. Но освен овие проблеми, дел од нив спаѓаат во онаа категорија граѓани наречени фантоми, бидејќи не поседуваат никаков личен документ. Според анкетата што ја направија Здруженијата „Активлајф“ и „Романо Авази“, 13 лица од оваа населба немаат никаков личен документ, а  додека десетина имаат само извод од Матичната книга на родените. Меѓу тие што немаат документи е и младата Барие Ковачи.

    „Од документи имам само извод од книга на родени бидејќи овде сум родена. Други документи немам. Секаде сум била, и во полициска станица и кај ромските здруженија, ама џабе. Ми велат имаш извод ама немаш државјанство, а без државјанство не може да добијам лична карта и други документи. Имам три деца, а тие се уште намаат извод. Тие се породени овде во тетовската болница без здравствена книшка, без ништо. Бидејќи немав здравствена книшка морав да викам пред вратата од болница за да ме примат и да се породам. Така беше со трите деца. Знам дека полицијата три пати доаѓала овде во населбава за да утврди дека овде сум родена и дека овде живеам, бидејќи немав никаков документ да им покажам. Не само јас и моите деца, и маж ми нема документи, само извод од матична книга и ништо друго. Овде цело маало се без документи“, вели Барие Ковачи.

    „Прво мора да се реши проблемот со добивање на државјанство за овие лица. Иако ова прашање го поставив пред надлежните од Министерството не добив конкретен одговор, а мислам дека и самата држава не го разбира проблемот“, вели Хасан Идризи од НВО „Англунипе“ (Фото: СДК.МК)

    Истиот проблем го има и нејзиниот сосед Селман Красниќи.

    „Јас имам само извод и никаков друг личен документ. Овде сум роден. Други документи немам. Десет пати бев во полиција да извадам лична карта, но никој не ме прима. Ми викаат не може да ми дадат лична карта ме праќаат во Косово прво таму да вадам документи. Јас не сум во Косово, јас овде живеам. Бев и кај ромските организации, но и тие не можеа да ми помогнат. Еве имам 35 години, а уште немам документи“, се жали Селман.

    „Јас имам документи но мажот ми нема ништо, ни извод, ниту државјанство, ниту лична карта. Барал ама не му даваат зошто нема државјанство. И бидејќи нема документи не можеме ни да се венчаме“, се надоврзува Емел Агуши.

    Овие лица најчесто се жалат од полицијата дека таа не им ги дава бараните документи. Но во СВР Тетово се децидни и велат дека секој може да го добие бараниот документ ако ги исполнува законските прописи. Поседувањето државјанство е основа врз која можат да се добијат и другите документи како лична карта и слично.

    „Овие лица кои уште немаат документи прво треба да го регулираат престојот во Македонија бидејќи тие, без разлика кога се дојдени, се третираат како странски државјани и треба да извадат лична карта за странци. Откако ќе го регулираат тоа, можат да побараат државјанство врз основа на должината на престој во Македонија од најмалку 7 години или ако се најмалку 3 години во брак со лице од Македонија,  како што е предвидено во законската регулатива. Кога родителите ќе го регулираат државјанството, тогаш за нивните деца воопшто не е проблем и тие да го добијат овој и сите други документи. Многу од нив се дојдени во 1999 година од Косово. Дел има што се родени овде во Македонија, но бидејќи нивните родители го немаат регулирано македонското државјанство и тие не можат да ги добијат бараните документи. Знаеме дека повеќето од нив се неуки луѓе и треба да им се помогне, но се добива впечаток дека тие очекуваат некој друг да им ги реши овие проблеми. Не можеме ние како орган да одиме во Косово и да бараме од таму документи. Тоа мора самите тие да го направат. Секако и за државата е подобро овие луѓе да ги има во евиденција“, изјави Артан Несими, началник на управни работи во СВР Тетово.

    Во помошта на овие луѓе фантоми да добијат соодветни документи се вклучени и повеќе невладини организации, кои преку совети и работа на теренот настојуваат да им го решат проблемот на овие лица.

    „Во Тетово, според наша проценка тој број на лица кои немаат документи се движи околу 300 луѓе. Кај нас Законот за државјанство е многу рестриктивен. Се бара акумулација на повеќе услови за да може да се стекне македонско државјанство. Затоа денес и после 27 години од осамостојување на Република Македонија  веќе имаме три генерации на лица кои се без никакви лични документи. Слушнав дека од Министерството за труд и социјална политика деновиве е покрената акција за евидентирање на овие лица во Матичната книга на родени. Не знаеме како тие лица ќе се запишат во Матичната книга ако немаат државјанство. Прво мора да се реши проблемот со добивање на државјанство за овие лица. Иако ова прашање го поставив пред надлежните од Министерството не добив конкретен одговор, а мислам дека и самата држава не го разбира проблемот“, вели Хасан Идризи од НВО „Англунипе“.

    Невладините организации „Активлајф“ и „Романо Авази“ во соработка во организација од Будимпешта во проектот што го спроведуваат освен што на повеќе ромски семејства им доделија хуманитарна помош ќе им помагаат  на лицата кои немаат лични документи во постапката за нивно добивање.

    „Сакаме да им помогнеме на овие луѓе за да можат да извадат државјанство, лична карта, здравствена книшка. Некои од нив со децении се без лични документи па ние мислиме дека треба да им се овозможи на овие луѓе тука да живеат тука“, посочува Хазизе Јонузи од НВО „Активлајф“.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира