ТРИ ГОДИНИ НЕ СЕ ИЗНАЈМУВААТ ВЕЛОСИПЕДИ ОТИ СЕ ИСКРШЕНИ СИТЕ 200 КОИ ГИ КУПИ ГРАД СКОПЈЕ

    ТРИ ГОДИНИ НЕ СЕ ИЗНАЈМУВААТ ВЕЛОСИПЕДИ ОТИ СЕ ИСКРШЕНИ СИТЕ 200 КОИ ГИ КУПИ ГРАД СКОПЈЕОд Град Скопје велат дека ќе воведат нов јавен систем за споделување односно самоизнајмување на велосипеди, но не прецизираат кога би било тоа.- Архивска фотографија на Град Скопје од стартот на проектот „Изнајми велосипед“ во 2010.

    Веќе трета година во Скопје не се изнајмуваат велосипеди. Проектот, кој беше воведен од Град Скопје во 2010 во времето на градоначланикот Коце Трајановски со цел да се поттикнат граѓаните да го користат велосипедот како превозно средства, не функционира. Сите велосипеди кои Градот ги купи или ги доби како донација се искршени или украдени, па затоа проектот е стопиран.

    Изнајмувањето велосипеди од 2010 до 2016 го вршеше градското јавно претпријатие „Градски паркинг“. Велосипед се изнајмуваше на неколку локации каде паркинзи има претпријатието и чинеше 10 денари од час.

    Директорот на „Градски паркинг“ Борче Јакимовски вели дека овој проект онака како што беше осмислен бил нерентабилен за претпријатието.

    „Ние имавме повеќе загуба отколку добивка со проектот изнајмување на велосипеди. Приходите ни беа 80.000 денари, а расходите 600.000 денари. Велосипедите ни ги крадеа или ни ги враќаа искршени, со извадени делови. Потребно е Градот да воведе целосно нов систем за да може да функционира овој проект“, вели Јакимовски.

    Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека планираат  воведување нов јавен систем за споделување односно самоизнајмување на велосипеди, но не прецизираат кога би било тоа.

    „Во моментов се работи на подготовка на проектите со кои се предвидува поставување на овој систем на 30 локации во градот Скопје, опремени со терминал за самоизнајмување на велосипед и 20 држачи за велосипедите“, велат од Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари