ТРИ ХОТЕЛИ И 14 ЗГРАДИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВО СКОПСКО МАЏИР МААЛО, ФАСАДИТЕ НЕМА ДА БИДАТ БАРОКНИ КАКО ШТО БАРАШЕ СТАРИОТ ПЛАН

    ТРИ ХОТЕЛИ И 14 ЗГРАДИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВО СКОПСКО МАЏИР МААЛО, ФАСАДИТЕ НЕМА ДА БИДАТ БАРОКНИ КАКО ШТО БАРАШЕ СТАРИОТ ПЛАНОд Општината објаснуваат дека во парцелите за изградба на зградите се споени неколку куќи односно нема од секоја куќа во Маџир маало да никне зграда.(Фото:Општина Центар)

    Три хотели и 14  згради ќе се градат во скопско Маџир маало кај Народна банка. Ова е предвидено со новиот ревидиран Детален урбанистички план (ДУП) Маџир маало 1, кој вчера беше усвоен на седница на Советот на Општина Центар. Планот опфаќа површина од 7,28 хектари и како што велат од Општината со него во голема мера се решени барањата на жителите од овој дел од градот, кои со години не можеле да ги обноват домовите.

    Со планот се предвидуваат парцели за 14 згради со висина од приземје, пет спрата плус поткровје. Првично планот предвидуваше само приземје и пет спрата на зградите, но по барање и петиција на жителите додаден е уште спрат односно поткровје.  Од Општината објаснуваат дека во парцелите за изградба на зградите се споени неколку куќи односно нема од секоја куќа во Маџир маало да никне зграда. Исто така се предвидени парцели и за три хотели со приземје, четири ката плус поткровје. Со измената на планот укината е одредбата од претходниот, кој бараше сите згради да имаат барокни фасада.

    Зградите ќе бидат со приземје, 5 спрата и поткровје. -Новиот ДУП за Маџир маало 1.(Фото:Општина Центар)

    Предвидени се и пет мали паркови со вкупна површина од 1.195 метри квадратни, а со претходниот план на овој простор не се предвидуваше ниту една зелена површина.

    „Избришани се две згради, а на сметка на тоа обезбедено е зеленилото. Со овој план за 23 проценти е намалена површина за градба, исполнета е обврската за 20 проценти зеленило во секоја градежна парцела и задолжително обезбедување на потребниот број паркинг места во самата парцела. Заштитен е пешачкиот дел од кејот, каде со претходниот план се предвидуваше улица за сообраќај“, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на денешната прес-конференција за презентација на планот.

    Оваа е осми план кој Општината Центар го носи откако пред три години почна со постапка за ревидирање на сите Детални урбанистички планови.

    А. АНТЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира