ТРИ МЕСЕЦИ ШИЛЕГОВ И БОГДАНОВИЌ АСФАЛТИРААТ 200 МЕТРИ ТРОТОАРИ СРЕДЕ ЦЕНТАР НА СКОПЈЕ

    ТРИ МЕСЕЦИ ШИЛЕГОВ И БОГДАНОВИЌ АСФАЛТИРААТ 200 МЕТРИ ТРОТОАРИ СРЕДЕ ЦЕНТАР НА СКОПЈЕАсфалтот беше ископан на 5 јануари, а велосипедска патека уште нема, тротоарот е со земја и камења. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Три месеци тротоарите долж улицата Даме Груев во центарот на Скопје стојат раскопани. Градоначалниците на Град Скопје Петре Шилегов и на Општина Центар Саша Богдановиќ на 5 јануари се пофалија дека почнале со градежни работи за ослободување на тротоарите на овој дел од паркирани коли. Најавија дека ќе биде изведена велосипедска и пешачка патека, а за да не се паркираат коли ќе се постават столпчиња.

    Откако асфалтот беше ископан поминаа три месеци, а велосипедска патека уште нема. Тротоарот е со земја и камења, а асфалт е поставен само на неколку метри на почетокот на велосипедската патека.

    Од Општина Центар велат дека не можеле досега да асфалтираат оти граѓаните кои живеат во околните згради се жалеле дека ќе немаат каде да паркираат.

    „Моравме најпрво да најдеме решение за паркирање на станарите, па потоа овој потег да го ослободиме за велосипедисти и пешаци“, велат од Општина Центар, но не објаснуваат зошто не постигнале договор со станарите пред да ги раскопаат тротоарите за да можат граѓаните непречено да се движат.

    Од Град Скопје велат дека 200 метри тротоар уште не е асфалтиран оти немало битумен на пазарот, а од Општина Центар дека морале да најдат решение со станарите за паркирање. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од Град Скопје, пак, имаат друго објаснување зошто и после три месеци тротоарите се раскопани и неасфалтирани. Велат дека на пазарот немало битумен за производство на асфалт и затоа не можеле досега да завршат со градежните работи.

    Додека во Скопје три месеци Градот реновира тротоар од 200 метри и нема механизација и пари да исчисти депонија во центарот, градоначалникот Петре Шилегов во петокот во Сараево, учествувајќи на Самитот на градоначалници на главни градови на Југоситочна Европа, се пофали дека Скопје ќе го направи зелена престолнина и паметен град.

    „Со реализација на проектот „Паметен град“, Скопје ќе стане модерна престолнина, каде што основен двигател се напредните информатички технологии. Крајната цел е граѓаните да добијат ефикасни и евтини јавни услуги, со целосен увид во перформансите на градската администрација. Работиме на воспоставување концепт на централен комунален сервис кој има за цел да им овозможи на граѓаните простор каде што ќе можат да пријават проблем поврзан со комуналните услуги на градот Скопје и веднаш да добијат решение“, кажа Шилегов на Самитот во Сараево.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари