ТРИУМФАЛНАТА ПОРТА СЕ НАОЃА СРЕДЕ УЛИЦА, НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ СТАВЕНА ВО ДУП-ОТ ОТИ Ѝ СЕ ДАВА ЛЕГИТИМИТЕТ, ВЕЛИ РАБОТНАТА ГРУПА ЗА „СКОПЈЕ 2014“

    ТРИУМФАЛНАТА ПОРТА СЕ НАОЃА СРЕДЕ УЛИЦА, НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ СТАВЕНА ВО ДУП-ОТ ОТИ Ѝ СЕ ДАВА ЛЕГИТИМИТЕТ, ВЕЛИ РАБОТНАТА ГРУПА ЗА „СКОПЈЕ 2014“Портата Македонија неколку пати беше шарана со бои од учесниците во протестите на Шарената револуција. (Фото: СДК.МК)

    Порта Македонија и споменикот на Мајка Тереза се поставени среде улица, го попречуваат слободниот пристап на граѓаните и не постои друго решение освен да се доведе просторот во првобитна состојба, велат од Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“.

    Премиерот Зоран Заев, пак, вчера кажа дека мислењето дадено од Владата до Општина Центар не укажува дека треба да се руши кој било од објектите, туку било препорака ДУП-от да се разгледа и усогласи со мислењата дадени од самите стручни комисии формирани од извршната власт.

    „Објектот Порта Македонија не попречува пешачки, ниту моторен сообраќај. Низ уличната мрежа секојдневно минуваат пешаци и возила односно има непречена комуникација“, рече Заев.

    Работната група која беше формирана од Владата по доаѓањето на власт во 2017 година, смета дека овие два објекти, како и дел од спомениците не треба да бидат ставени во новиот Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ кој сега се изработува во Општина Центар оти така им се дава легитимитет.

    „Со овие објекти се прекршени низа закони, Уставот, владеењето на правото и правото на граѓаните за слободно движење поради фашистичката идеологија на минатата власт. Поставени се без правото на Собранието да одлучува за нив, а уметничката вредност не треба да се споменува бидејќи таа воопшто не постои. Нема друго решение освен просторот да се врати во првобитна состојба. Ние како работна група до Општина Центар доставивме анкетен лист во кој наведуваме дека Портата, споменикот на Мајка Тереза и други споменици не можат да имаат градежна парцела. Ако тоа се направи им давате легитимитет и можност за надградување“, вели Мирослав Грчев, претседател на Работната група за „Скопје 2104“.

    Грчев вели дека и во елаборатите кои работната група ги изработила до барање на Владата за објектите и спомениците од „Скопје 2014“ идентичен е ставот дека тие се поставени незаконски и треба да се отстранат.

    Од Општина Центар во петокот за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека Владата доставила мислење до нив дека спомениците на Мајка Тереза и Порта Македонија треба да се отстранат од новиот детален план „Мал ринг“.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира