ЦЕЛА ГОДИНА ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ ОТКРИ ЗОШТО ИЗГОРЕ „ГЛОБАЛ“ ВО СТРУМИЦА И ДАЛИ ЌЕ ИМА ОДГОВОРНИ

    ЦЕЛА ГОДИНА ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ ОТКРИ ЗОШТО ИЗГОРЕ „ГЛОБАЛ“ ВО СТРУМИЦА И ДАЛИ ЌЕ ИМА ОДГОВОРНИВо пожарот лани ноќта помеѓу втори и трети јануари беа оштетени 44 дуќани и магацини и 24 тезги со стока на приземјето. (Фото: СДК.МК)

    Една година по големиот пожар во струмичкиот трговски центар „Глобал“, Јавното обвинителство уште нема конкретна потврда како и зошто изгоре и дали ќе има одговорност од некого. Пожарот кој оштети една третина од „Глобал“ со зелен пазар, предизвика милионски штети и остави повеќе семејства неколку месеци без работа. Тие и понатаму чекаат одговор што всушност се случувало лани ноќта помеѓу втори и трети јануари, при пожарот во кој изгореа нивните дуќани, деловни простории и тезги. Од Основното Јавно обвинителство (ОЈО) во Струмица одговорија дека се чека извештај од хидроинженер за да се комплетира целата документација, па во зависност од исходот на анализите ќе се донесе соодветна јавнообвинителска одлука.

    „Основното Јавно обвинителство Струмица го очекува извештајот од нареденото вештачење од хидроинженер од Бирото за судски вештачења. По пристигнување на извештајот, надлежниот јавен обвинител ќе ги разгледа и анализира сите прибрани матријални и вербални докази и поединечно и во нивниот сооднос, по што ќе донесе соодветна јавно обвинителска одлука“, кусо одговорија од Јавното обвинителство на прашањата што покажа досегашната истрага и дали ќе има обвинителен акт за целиот случај.

    Пожарот избувна ноќта на втори јануари неколку минути пред полноќ, во време кога „Глобал“ не работи. Тогаш од Пожарната во Струмица соопштија дека пожарот избувнал на влезот за дотур на стока, по што се проширил по останатите тезги со обувки и дуќани. Со огнената стихија се справуваа пожарникари од Струмица, Радовиш, Штип, Валандово, Кавадарци, кои успеаја после неколку часа да ја локализираат. Пожарникарите кажаа дека хидрантската мрежа во објектот не функционирала.

    Јавното обвинителство после еден месец соопшти дека при пожарот биле оштетени 44 дуќани и магацини и 24 тезги со стока на приземјето. При истрагата, ОЈО ја одзело целокупната градежно-техничка документацијата од Општината за вештачење, а биле прибрани и податоците и документацијата од „Комуналец“ што стопанисуваше со пазарот во внатрешниот дел од „Глобал“.

    За овој трговски центар со зелен пазар веднаш по пожарот се собираа донации од институции и фирми и во рок од шест месеци опожарениот дел беше ставен во функција. Општинската комисија за проценка на штети на Струмица соопшти дека до нив пристигнале 70 барања, а вкупната штета што ја пријавиле сопствениците на опожарените простории и тезги изнесуваше 65 милиони денари.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира