ТЦЦ „ПЛАЗА“ ИМА ОДОБРЕНИЕ САМО ЗА УРИВАЊЕ, НЕ И ЗА ГРАДБА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ

    ТЦЦ „ПЛАЗА“ ИМА ОДОБРЕНИЕ САМО ЗА УРИВАЊЕ, НЕ И ЗА ГРАДБА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ„На состанок со инвеститорот му кажав дека се врши ревизија на сите планови и дека се намалуваат висините на дел од објектите. Каква дозвола ќе добие, ќе видиме кога ќе заврши ревизијата на планот. Дотогаш нема да може да добие дозвола за градба оти на сила е мораториумот“, вели градоначалникот Богдановиќ. - Објектот на ТЦЦ „Плаза“ е речиси цел урнат (Фото: М. Златевска)

    ТЦЦ „Плаза“ има само одобрение за уривање, но не и за градба, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Досега инвеститорот не доставил барање за издавање одобрение за градба, но и да достави како што вели Богдановиќ тоа нема да се издаде додека не заврши мораториумот на градба. Дури откако ќе се изврши ревизија на плановите во овој случај на деталниот урбанистички план „Мал ринг“ ќе се знае колкава ќе биде дозволената висина на објектот.

    Според измените на ДУП-от „Мал ринг“ направени во времето на градоначалникот Владимир Тодоровиќ за објектот на ТЦЦ „Плаза“ маркичката е за станбено-деловен објект со приземје, мезанин и 5 ката.

    „Инвеститорот добил дозвола од претходното раководство за доградба и надградба. Но во текот на надградбата му било речено дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата. Затоа побара дозвола за уривање, за одново да го гради објектот. На состанок со инвеститорот му кажав дека се врши ревизија на сите планови и дека се намалуваат висините на дел од објектите. Каква дозвола ќе добие, ќе видиме кога ќе заврши ревизијата на планот. Дотогаш нема да може да добие дозвола за градба оти на сила е мораториумот“, вели градоначалникот Богдановиќ.

    Објектот на ТЦЦ „Плаза“ поранешно „Беко“ во моментов е речиси целосно урнат а просторот е затрупан со земја. Сопственикот на објектот почна со уривање на 20 март, но работите на терен беа прекинати по налог на Општината оти немаше одобрение за уривање и соодветно не го заштитил просторот. Веднаш по тоа сопственикот побара дозвола од Општината по што продолжи со уривање.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари