ТУРИСТИТЕ ОСТАНАА ЗАВЕАНИ ОД СНЕГОТ НА ПЕЛИСТЕР

    ТУРИСТИТЕ ОСТАНАА ЗАВЕАНИ ОД СНЕГОТ НА ПЕЛИСТЕРЧистачот на „Македонија пат“ заглави на делницата до „Молика‘, па испратено е друго возило. (Фото: СДК.МК)

    Врнежите од снег предизвикаа проблеми во сообраќајот за Пелистер. Непрооден е патот за хотелот „Молика“, како и до викенд населбата Ниже Поле. Чистачот на „Македонија пат“ заглави на делницата до „Молика‘, па е испратено друго возило, а во расчистувањето на коловозот вклучени се и екипи на „Нискоградба“ и вработени во хотелот.

    Во хотелот има туристи кои чекаат да се расчисти патот за да си заминат дома, а треба да се направи и смена на персоналот.

    „Падна многу снег, над метар и половина, а врнежи има сѐ уште. Заглавеното возило на ‘Македонија пат‘ го извлековме, сега е испратено друго. Вклучени се камиони, во функција е и нашиот ратрак, тракторот, сѐ со цел да се расчисти патот. Се носи посебна дувалка за да се издува снегот. Известена е и полицијата која не дозволува движење кон Пелистер, освен за локалните жители во Трново и Магарево, каде што патот е чист“, рече Горан Исков, директорот на хотелот „Молика“.

    Тој се надева дека патот ќе се расчисти во текот на денот и гостите ќе можат да го напуштат хотелот.

    Непрооден е и патот за викенд населбата Ниже Поле, каде денеска заглавија повеќе возила со локално население и туристи, чекајќи со часови да се расчисти снегот. Населбата денеска беше и без струја, поради што не работеше ни ски-лифтот во ски-центарот „Ниже Поле“, иако започна зимската сезона.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира