УЧЕНИЦИ ОД БИТОЛА УЧАТ ЗА ЕКОЛОГИЈА, НО НА ШКОЛСКИОТ ИЗЛЕТ ЃУБРЕТО ГО ФРЛИЈА ВО ПРИРОДА

    УЧЕНИЦИ ОД БИТОЛА УЧАТ ЗА ЕКОЛОГИЈА, НО НА ШКОЛСКИОТ ИЗЛЕТ ЃУБРЕТО ГО ФРЛИЈА ВО ПРИРОДАНа 7 август неколку училишта од општина Битола биле на излет во црковниот двор во храмот „Св. Богородица“ во битолското село Трново и не си го собрале сметот, а купот ѓубре учениците го оставиле под дрвото на кое има табла со натпис „Отпадокот да се фрла во контејнерите надвор“ (Фото: СДК.МК)

    Во училиштата учат за екологија, а ѓубрето го оставаат во природа, реагира Црковниот одбор од храмот „Св. Богородица“ во битолското село Трново, откако на 7 август неколку училишта од општина Битола биле на излет во црковниот двор и не си го собрале сметот. Од Одборот велат, за иронијата да биде поголема, купот ѓубре учениците излетници го оставиле под дрвото на кое има табла со натпис „Отпадокот да се фрла во контејнерите надвор“. Контејнерите се на педесетина метри од дворот.

    „Им го отворивме дворот кој редовно го одржуваме чист, тревата искосена. Им ја отворивме и црквата да можат свеќа да запалат. Кога видов, дел од сметот го оставаа во најлонски кеси по земја или во едни мали железни корпи што ги имаме, останати од пред неколку децении, но имаат отвори и од нив ѓубрето паѓа. Ѝ реков: ‘Директорке, на децата ќе им речете сите најлончиња да ги соберат и да ги фрлат во контејнерите кои се надвор од дворот, ете и табла има на која пишува’. Друга наставничка дојде и иронично ми рече ‘што треба’, јас ѝ реков ѓубрето да се остави надвор, а таа ми вели ‘ете и ние сме надвор’ “, вели Ставре Мицевски од Црковниот одбор.

    Потоа некој од возрасните му ветил дека ќе го соберат и фрлат во контејнерите, а Ставре им дал дури и црна вреќа, па заминал.

    „Викендов дојдовме од Црковниот одбор и ете ете уште црната вреќа таму стои и за инает тука се оставија и вреќата и цело ѓубре. А за да стигнат до автобусите мораа да поминат покрај контејнерите“, вели Мицевски.

    Од Црковниот одбор велат дека нема да го соберат сметот зашто немаат платен човек да го бере ѓубрето. Чекаат школите да организираат еколошка акција и да го соберат. За утре најавија дека случајот ќе го пријават во Комуналната инспекција и Инспекторатот за образование.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира