УЧЕНИЦИ ПРОТЕСТИРААТ ПОРАДИ ПРЕГАЗЕНИОТ СОКЛАСНИК НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН ВО ШТИП

    УЧЕНИЦИ ПРОТЕСТИРААТ ПОРАДИ ПРЕГАЗЕНИОТ СОКЛАСНИК НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН ВО ШТИПУчениците ќе протестираат по неколку часови и во наредните денови кај пешачкиот премин каде сокласникот бил силно удрен и влечен петнаесетина метри и сега е во кома (Фото: СДК.МК)

    Учениците од двете смени при ЕМУЦ „Никола Нехтенин“ во Штип денеска протестираат против несовесните возачи, а во знак на подршка за нивниот сокласник кој е во кома и се бори за живот откако во петокот беше прегазен на пешачки премин пред училиштето. Учениците и нивни родители, кои се прикллучија на протестот на местот на несреќата на булеварот на влезот во Штип од правец на Скопје, бараат ригорозни санкции за несовесните возачи, а од локалните власти да најдат сообраќајно решение за побезбеден премин на булеварот пред училиштето, затоа што за две години на пешачкиот премин се прегазени пет ученици.

    Седумнаесетгодишниот ученик беше прегазен на пешачки премин пред училиштето од 68-годишен возач од Кочани. Лани, само од другата страна, беа прегазени тројца ученици од кои еден е со трајни последиции. Слично се случи и пред неколку месеци, кога автобус прегази ученик исто така на пешачкиот премин.

    „Се молиме нашиот сокласник да преживее и да нема последици, но истовремено апелираме до надлежните да преземаат постојано превентивни и конкретни мерки и санкции против несовесните возачи“, велат учениците и нивните родители кои најавија протести и во наредните денови.

    Денеска и во наредните денови булеварот кај ова средно училиште ќе биде под зголемена контрола од полицијата, а биле зголемени мерките и кај останатите училишта. Претходната локална власт уште пред две години најави изградба на мост по кој ќе поминуваат учениците, а сегашната локална власт пак најавува првична мерка со поставување лежечки полицајци на овој премин, но и на останатите црни точки во градот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари