УКИНАТИ ВОЗОВИТЕ СКОПЈЕ-КУМАНОВО, ПАТНИЦИТЕ ВЕЛАТ БЕЗ НИКАКВА НАЈАВА СЕ ОСТАВЕНИ БЕЗ ПРЕВОЗ

    УКИНАТИ ВОЗОВИТЕ СКОПЈЕ-КУМАНОВО, ПАТНИЦИТЕ ВЕЛАТ БЕЗ НИКАКВА НАЈАВА СЕ ОСТАВЕНИ БЕЗ ПРЕВОЗОвие возови најмногу ги користат патници од Куманово, но и од селата Табановце, Речица, Романовце Агино Село, Дељадрвце, Миладиновци, Илинден и Маџари, кои одат на работа во Скопје.(Фото: СДК.МК)

    Повеќе од еден месец жителите на Куманово и околните села останаа без железнички превоз затоа што се укинати возови на редовната линија Скопје – Табановце. Од 22 јуни годинава, Железница Транспорт без најава ги повлекла од сообраќај сите четири возови кои сообраќаат во раните утрински часови и попладне. Овие возови најмногу ги користат патници од Куманово, но и од селата Табановце, Речица, Романовце Агино Село, Дељадрвце, Миладиновци, Илинден и Маџари, кои одат на работа во Скопје.

    „Никој не нè извести, ниту пак најави дека е можно да ги сопрат возовите. Доаѓаме на станицата, нема воз и никој не знае дали ќе дојде. Така ден, два, три и видовме дека ги сопреле возовите. Имаме месечни карти и не смееја така да не извисат. Отишле луѓе на благајна да си ги бараат парите назад ама не им ги вратиле, им рекле пак ќе ги пуштат возовите. Прво кажаа од 1 јули, па сега од 1 август. Ништо не е сигурно, кога еднаш нешто ќе се укине тешко се враќа“, вели нашиот соговорник, жител на кумановското село Романовце.

    На прашањето на патниците зошто се укинати возовите надлежните им кажале дека немаат доволно машини и возачи.

    Откако е воведена линијата Скопје – Табановце оваа е првпат целосно да се укине. Возниот билет во еден правец чини 86 денари и 120 денари повратна карта. Тоа е многу поповолно во однос на автобускиот превоз каде картата до Скопје чини 170 денари. Затоа се повеќе патници се одлучувата да патуваат со воз.

    „Како поскапе автобуската карта бројот на патници двојно се зголеми. Нели се воведе бесплатен превоз за студентите за да се поттикне користењето на железничкиот превоз. Во ударните термини наутро од Куманово во 5.25 и 8.15 часот и напладне во 16.25 часот од Скопје има најмногу патници. Тој во 20.20 навечер послабо и можеле само тој да го укинат, а не сите оддеднаш“, додава младиот човек, кој сега мора да патува со автомобил на работа во Скопје бидејќи сите други опции му се поскапи и покомплицирани.

    Тој вели дека од нивното село Романовце има најмногу патници бидејќи тие немаат друга сообраќајна врска и затоа се најмногу засегнати од укинувањето на возовите. Тие поднеле барањето до Железница Транспорт за враќање на возовите, како и уште за два други проблеми за подобрување на железничкиот сообраќај во селото, но сè уште немаат одговор.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира