УЛИЦА МАКЕДОНИЈА ВО СКОПЈЕ ПАК ЌЕ СТАНЕ ПЕШАЧКА ЗОНА КОГА ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА

    УЛИЦА МАКЕДОНИЈА ВО СКОПЈЕ ПАК ЌЕ СТАНЕ ПЕШАЧКА ЗОНА КОГА ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈАПешаците и велосипедистите не можат да поминат оти пешачкиот дел е узурпиран од тераси на летни кафулиња, а на оној слободен простор каде што нема тераси стојат испаркирани коли. (Фото: К. Попов)

    Никој од надлежните, сообраќајната полицијата, Општина Центар и Град Скопје немаат намера да го решат хаосот кој владее на централната пешачка улица во Скопје, улица Македонија и споредната улица Луј Пастер, која исто така е пешачка зона.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели сообраќајната полиција треба да казнува за неправило паркирање низ градот и токму поради вакви појави тој иницирал формирање на комунална полиција.

    „До основање на градската комунална полиција, одговорноста за сообраќајниот хаос е на Министерството за внатрешни работи. Затоа и Градот сака да ја преземе оваа надлежност, за да може да се воспостави ред. Онаму каде што исклучиво има надлежност Градот се воспоставува ред, како што е случајот со нелегалниот паркинг кај црквата Пресвета Богородица и кај хотелот ‘Стоун Бриџ’ на Плоштадот Филип Втори“, вели Шилегов.

    Со месеци низ улицата врват автомобили како да е сообраќајница. На сите страни има паркирани коли и комбиња за дотур на стока во текот на целиот ден, иако со одлука на Град Скопје воведена е забрана за вршење достава до 18 часот. Пешаците и велосипедистите не можат да поминат оти пешачкиот дел е узурпиран од тераси на летни кафулиња, а на оној слободен простор каде што нема тераси стојат испаркирани коли. Влезот на улицата е слободен бидејќи столпчињата кои се поставени на влезот, кај улицата Даме Груев ги нема, а на никого не му текнува да постави нови.

    Од Министерството за внатрешни работи не добивме одговор на прашањата зошто толерираат дивеење на улица Македонија. (Фото: К. Попов)

    Од Министерството за внатрешни работи не добивме одговор на прашањата зошто толерираат дивеење на улица Македонија, каде е нивната сообраќајна полиција и зошто на реагираат, во случајов, на улица Македонија која е само неколку метри одалечена од полициската станица „Центар“ кај поранешно „Беко“.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и сега како и пред неколку месеци велат дека ќе постават заштитни столпчиња на улица Македонија, но тоа никако да се случи.

    „Проблемот со паркирани возила не само на улица Македонија туку и низ целиот град, единствено ќе се реши кога ќе биде формирана комуналната полиција. Сега ние како локална самоуправа немаме надлежност да казнуваме. Тоа треба да го прави полицијата“, вели Богдановиќ.

    Влезот на улицата е слободен бидејќи столпчињата кои се поставени на влезот, кај улицата Даме Груев ги нема, а на никого не му текнува да постави нови. (Фото: К. Попов)

     

    Законот пак за комунална полиција кој лани на 5 септември за САКАМДАКАЖАМ.МК го најави градоначалникот Петре Шилегов никако да се донесе. Град Скопје, бидејќи не може да предлага закони до Собранието, уште кон почетокот на годинава ја доставил верзијата на законот до Владата и до неколку министерства, но тој никако да се најде на владина седница, а потоа на усвојување во Собранието.

    Улица Македонија беше реконструирана во 2004 година кога градоначалничка на Општина Центар беше Виолета Аларова. Низ целото шеталиште беше поставена нова атмосферска канализација, плочник, канделабри, клупи, корпи за отпадоци и засадени дрвореди.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари