УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДА СЕ ГРАДИ НА ДРУГА ЛОКАЦИЈА, НА НЕЈЗИНО МЕСТО ДА СЕ НАПРАВИ ПАРК, ПРЕДЛАГА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ

    УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДА СЕ ГРАДИ НА ДРУГА ЛОКАЦИЈА, НА НЕЈЗИНО МЕСТО ДА СЕ НАПРАВИ ПАРК, ПРЕДЛАГА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ„Според програмата на Градот се предвидува да се урне постојниот објект и да се гради поголем. Но, оваа локација е тотално несоодветна за такво нешто. Самата инфраструктура е премала за таков објект кој треба да прими голем број луѓе“, вели претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски. (Фото: СДК.МК)

    Новата Универзална сала да се гради на друга локација бидејќи според предвидената големина, објектот е несоодветен за постојната, предлагаат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Откако градоначалникот Петре Шилегов најави дека ја почнува постапката за изградба на нова концертна сала, дека постојната ќе се урива и ќе се гради објект според нов проект, архитектите предложиле да се размени за други локации.

    Претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека она што се бара во програмата на новата Универзална сала е преобемно за оваа локација. Станува збор за густо изградел дел од градот, со булеварот Партизански одреди од една страна, од каде нема да може да се изведе влез во подземен паркинг. Од другата страна пак е улицата 29 Ноември која е тесна, со две сообраќајни ленти и нема да може да ги задоволи потребите за пристап кон ваков тип на објект. При секој концерт или настан ќе се создава хаос во сообраќајот, но ќе биде попречено и движењето на пешаците и локалните жители.

    „Само реновирање на Универзална сала би чинело многу, па затоа според програмата на Градот се предвидува да се урне постојниот објект и да се гради поголем. Но, оваа локација е тотално несоодветна за такво нешто. Самата инфраструктура е премала за таков објект кој треба да прими голем број луѓе. Исто така во овој дел имаме големо движење на граѓани од населбите Капиштец и Буњаковец кон Дебар Маало и Градски парк. Од друга страна пак, постојано се зборува за потребата од нови паркови и зелени површини, па оваа локација може да прерасне во парк. Притоа нема да има никаков проблем за тоа бидејќи парцелата е државно земјиште. Значи не зборуваме за идеи да правиме паркови на приватни парцели, кои се нереални да се остварат“, вели Пановски.

    Од Асоцијацијата на архитекти како прва варијанта каде може да се гради новата Универзална сала на Скопје, го предлагаат делот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Станува збор за просторот зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ и салонот на „Хонда“ во Карпош 3. Според архитектите овој простор е соодветен бидејќи туку веќе се изградени вакви содржини и би се добила една целина, спортски објект, базен, хотел и концертна сала.

    Една од локациите за кои се размислува е просторот каде се наоѓаат стаклениците на ЈП „Паркови и зеленило“. (Фото: СДК.МК)

    „Ја разгледувавме и идејата за просторот кај стаклениците на ЈП ‘Паркови и зеленило’ во Карпош, што е во близина на крајниот дел од Градски парк. Тоа не значи дека ќе се уништи паркот или зеленилото туку самиот објект да биде во паркот. Ова се само првични размислувања, ние ќе бидеме отворени за разни дискусии, каде е најдобро да се направи новата Универзална сала.“, вели Пановски.

    Од Асоцијацијата сметаат дека и за новата Универзална сала и за паркот кој би се правел на местото на постојниот објект треба да бидат распишани конкурси за избор на идејно решение.

    Универзална сала е затворена 5 години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

    Тогаш беше актуелен проектот објавен во декември 2013, според кој салата требаше да се урне, а на нејзино да место да се изгради целосно нов објект во форма на јајце. Новата сала требаше да се гради според проектот на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, со голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории. Овој проект едногласно го избра деветчлена стручна комисија, под претседателство на архитектот Вангел Божиновски.

    Во јануари 2015, Универзална сала беше преименувана во Конгресен центар Александар Македонски.

    Но, во март 2016, од финансиски причини беше откажана изградбата на салата во форма на јајце, а Министерството за култура најави дека обновата на Универзална ќе биде по проектот од пред десетина години на „Архангел бојс“, според кој се задржува сегашниот изглед, но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов ѝ беше вратено името Универзална сала, а со Министерството за култура беше потпишан договор за изградба на салата, односно парите да бидат обезбедени од Владата. Лани во декември Шилегов најави дека е обезбедени првиот дел од парите од Владата и заедно со Асоцијацијата на архитекти и Архитектонскиот факултет ќе работат на нов проект за Универзалната сала оти оние кои ги наследил од неговиот претходник Коце Трајановски, не чинеле.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира