УСЛОВНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА КОЈА ИЗДАВАЛА ЛЕКОВИ СО ПОМИНАТ РОК

    УСЛОВНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА КОЈА ИЗДАВАЛА ЛЕКОВИ СО ПОМИНАТ РОКОсудената сестра работела во болничката аптека во ЈЗУ „Јасеново Велес“ (Фото: СДК.МК)

    Медицинската сестра од Велес Павлина Петровска доби условна затворска казна оти на пациентите во болницата кадешто работела им давала лекови со изминат рок.

    Таа во Основен суд Велес ја признала вината за кривичното дело производство и пуштање во промет на штетни средства за лекување и доби казна од три месеци затвор, што ќе ги одлежи ако во период од една година стори ново кривично дело.

    Петровска го сторила делото во временскиот период од август до октомври 2017 година, кога како одговорна сестра на болничката аптека во ЈЗУ „Јасеново Велес“ ставила во промет лекови што се штетни за здравјето. И покрај тоа што знаела дека лековите се со поминат рок, таа ги издавала по одделенијата на болницата. Еден од лековите бил даден на седум пациенти, со што Обвинителството констатираше дека „нивното здравје било доведено во загрозувачка состојба“, што било утврдено при извршена контрола од Министерството за здравство и од Државен санитарен и здравствен инспекторат.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари