УСЛОВНИ КАЗНИ ЗА ОДГОВОРНИТЕ НА „МАКЕДОНСКА РАДИОДИФУЗИЈА“ ОД 2014 ЗА ХЕЛИКОПТЕРСКАТА НЕСРЕЌА ВО СТРУМИЦА

    УСЛОВНИ КАЗНИ ЗА ОДГОВОРНИТЕ НА „МАКЕДОНСКА РАДИОДИФУЗИЈА“ ОД 2014 ЗА ХЕЛИКОПТЕРСКАТА НЕСРЕЌА ВО СТРУМИЦАСудот утврди дека одговорните лица не обезбедиле осветлување на антенскиот столб во Струмица висок 120 метри, што е една од причините за уривањето на полицискиот хеликоптер при што загинаа четири пилоти. (Фото: СДК.МК)

    Условни казни од три и година и пол, добија ексдиректорката на ЈП „Македонска радиодифузија“ Јулијана Спировска и тогашниот технички директор Драгослав Радески, за хеликоптерската несреќа во Струмица пред осум години во која загинаа пилотите Драган Мицев, Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатачки. Неправосилните казни се поради сторено кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, додека ЈП „Македонска радиодифузија“ е казнета со парична казна од милион денари.

    Тие како одговорни лица не обезбедиле осветлување на антенскиот столб во Струмица висок 120 метри, за кој во текот на судската постапка и вештачењето се констатирало дека е една од причините за уривањето на полицискиот хеликоптер „МИ 17“ произведен 2008 со ознаки МАР 7712.

    „Јулијана Спировска доби условна казна затвор од две години доколку делото не го повтори во наредните три години, додека Драгослав Радески, технички директор, доби условна казна од 18 месеци доколку делото не го повтори во наредните две години“, соопштија од Основниот суд во Струмиц,а каде изминативе три години траеше судската постапка.

    На пресудата, Јавното обвинителство најави желба за висината на изречените казни. Жалба најавија и осудените, кои сметаат дека требало да добијат ослободители пресуди.

    Хеликоптерската несреќа се случи на 10 јули 2014  околу 22 часот, кога четворицата пилоти со полициски хеликоптер „МИ 17“ биле на ноќен тренажен лет од Скопје до Делчево, при што требало да ги надлетаат Велес, Валандово, Струмица и Берово. Во критичниот момент, хеликоптерот со перките удрил во антенскиот столб кој се наоѓа во индустриската зона „Север“ во Струмица по што се случи несреќата, а четирите пилоти загинаа на лице место.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира