УСТАВЕН СУД ЈА ОТФРЛИ ПРЕТСТАВКАТА ЗА ПОСТАВЕНИОТ СПОМЕНИК НА КОСОВО ВО СТРУГА

    УСТАВЕН СУД ЈА ОТФРЛИ ПРЕТСТАВКАТА ЗА ПОСТАВЕНИОТ СПОМЕНИК НА КОСОВО ВО СТРУГАСоветниците на опозицијата и натаму со став дека одлуката за поставување на спомен-обележјето е донесена спротивно на важечките урбанистички планови на Општината. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд ја отфрли претставката за оценка на уставноста на одлуката за поставување на споменен обележје на Косово на кејот на реката Црн Дрим во центарот на Струга. Судот оцени дека во овој случај не станува збор за пропис кој подлежи на уставно-судска оцена, поради што ја отфрли иницијативата поднесена од страна на советничката група на ВМРО ДПМНЕ која обвини дека споменикот е поставен надвор од правна рамка, без минимум техничка документација.

    „Судот зазема став дека во овој случај не станува збор за пропис кој подлежи на уставно-судска оцена, поради што се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата. Во овој предмет одлучувачки е што Уставниот суд за вакви прашања веќе има воспоставено долгогодишната практика и го зазема истиот став кој во континуитет се почитува од 1999 година, па досега“, стои во соопштението на Уставен суд.

    Советниците на опозицијата и натаму со став дека одлуката за поставување на спомен-обележјето е донесена спротивно на важечките урбанистички планови на Општината, но и спротивно на Законот за меморијални спомен-обележја.

    „Советот на Општина Струга воопшто нема донесено програма ниту пак именувано одбор за поставување на спомен-обележје. Како што гледате и самото спомен-обележје и самиот споменик постои само симбол на Косово, никаде не постои симбол од Општина Струга, ниту од Република  Македонија“ , вели Ален Деребан координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

    Спомен-обележје од Република Косово е поставено на кејот на реката Црн Дрим. На споменикот стои натпис испишан на македонски, албански и англиски јазик со благодарност до стружани за нивната хуманост и гостопримливост за време на косовскиот воен конфликт во 1999. Спомен-обележјето е високо 3,5 метри и е подарок од Генералниот конзулат на Република Косово во Македонија.

    Од Општината велат дека спомен плочата е додадена вредност за мултикултурна Струга и ја истакнува гостопримливоста на стружани.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира