Советот на Општина Куманово, денеска на вонредна седница донесе одлука вторник да биде прогласен за Ден на жалост, поради трагедијата која им се случи на семејствата Алими и Сакипи во селото Романовце. Во несреќата загинаа три деца и еден повозрасен член на семејството, а уште 6 лица се борат за живот.
Советниците едногласно одлучија утре, 25 февруари да биде Ден на жалост во Општина Куманово. При тоа се откажуваат сите забавни, културни и спортски манифестации, а угостителските објекти се обврзани да емитуваат сериозна музика. Знамињата во Општината ќе бидат поставени на половина копје.
„Во вакви тешки моменти тешко можат да се најдат зборови на утеха. Човечки е да тагуваме и да бидеме емотивни, но и да ја споделиме болката со семејствата и да се обидеме да им помогнеме во овие исклучително тешки моменти. Кога ќе изгубите некој близок член на семејството загубата е ненадоместлива, а болката огромна и навистина треба време повторно да продолжите со својот живот и да ја гледате иднината на останатите членови на семејството. Семејствата Алими и Сакипи се во исклучително тешка состојба, но со тоа што сите ние како граѓани на Општина Куманово, независно од етничката, верската, политичката и било која друга определба, независно од тоа каде живееме и каде работиме, сочувствуваме со нив и се обидуваме со нив да ја споделиме нивната тага и болка, со зборови на утеха да им дадеме малку надеж во овие тешки денови дека не се сами во оваа трагедија и во овие тешки момент“, изјави претседателката на Советот, Атина Мургашанска.
Таа најави дека Советот во рамките на своите надлежности и можности ќе помогне на семејствата во материјална и финансиска помош. Поддршка и сочувство на семејствата и побрзо закрепнување на повредените изразија и претставниците на сите советнички групи, како и градоначалникот Максим Димитриевски.
„Куманово ќе прогласи ден на жалост бидејќи тоа е најмалку можеме да направиме ние како сограѓани. Во овие тешки моменти сите сме сплотени и сите сме заедно со семејствата, им стоиме на располагање да помогнеме во секој момент институционално, но и вонинституционално, за колку толку да им ја ублажиме болката на членовите на семејствата и на сите кумановци, кои ги потресе овој немил настан“, рече градоначалникот Димитриевски.
Советниците беа едногласни дека истражните органи треба што побрзо да ги откријат причините за несреќата, а државата да преземе мерки за поголем контрола на производителите и продавачите на плински боци.
- ТРИ ЖЕНИ СЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА СО ИЗГОРЕНИЦИ НА ТЕЛОТО ОД 80 ОТСТО, ПО ЕКСПЛОЗИЈАТА НА ПЛИНСКА БОЦА ВО РОМАНОВЦЕ
- ТРИ ДЕЦА НА ДВЕ СЕСТРИ ОД 8 ДО 11 ГОДИНИ ЗАГИНАА ВО ЕКСПЛОЗИЈАТА НА ПЛИНСКА БОЦА ВО РОМАНОВЦЕ
С. НИКОЛИЌ