ВАКЦИНИРАЊЕТО ВО ШТИП СЕ ПОДЕЛИ, ВО СПОРТСКАТА САЛА САМО РЕВАКЦИНАЦИЈА, А ПРВА ДОЗА ЌЕ СЕ ДАВА ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ

    ВАКЦИНИРАЊЕТО ВО ШТИП СЕ ПОДЕЛИ, ВО СПОРТСКАТА САЛА САМО РЕВАКЦИНАЦИЈА, А ПРВА ДОЗА ЌЕ СЕ ДАВА ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМПрва доза вакцина вчера примиле 6.608 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.343 граѓани. - Спортската сала во Штип. (Фото: СДК.МК )

    Спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип веќе се користи само за ревакцинирање против ковид-19, а не како досега само за вакцинација со прва доза. Ревакцинацијата се однесува само за оние граѓани кои при првото вакцинирање примиле „Фајзер“ или од кинеските вакцини.  Првата доза на вакцината за сите возрасти во наредниот период ќе се дава само во Здравствениот дом во Штип.

    „Одлучено е спортската сала да биде само за ревакцинирање. Од почетокот на вакцинацијата во оваа сала досега се вакцинирани и ревакцинирани над 25.000 граѓани. Одлучено е во наредните денови првата вакцина да се прима само во Здравствениот дом ‘Панче Караѓозов’ и тоа за сите возрасти, вклучувајќи ги и децата од 12-17 години. На овој начин се намалени гужвите за вакцинирање, односно ревакцинирање и на двете места“, вели кочанскиот доктор Илија Постолов, кој уште од почетокот на вакцинацијата и дојден во Штип исклучиво да го помага вакцинирањето во спортската сала која тогаш имаше регионален карактер.

    „Во Здравствениот дом дневно се вакцинираат повеќе од 500 граѓани кои се од повозрасната категорија, додека од младата популација од 12 до 18 од вкупно пријавените 35 досега се вакцинирале 15 лица“, вели раководителот на пунктот Дијана Коцева-Миланова, која апелира граѓаните кои се за прва доза вакцина да го посетуваат само Здравствениот дом.

    На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 463.048 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 6.608 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.343 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 747.728 дози вакцини, а ревакцинирани се 284.680 граѓани.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира