ВАУЧЕРИТЕ ГО НАПОЛНИЈА ДОЈРАН, СЕ РЕЗЕРВИРА И ЗА СЕПТЕМВРИ

    ВАУЧЕРИТЕ ГО НАПОЛНИЈА ДОЈРАН, СЕ РЕЗЕРВИРА И ЗА СЕПТЕМВРИОпштина Дојран уреди нови простори за плажи за гостите да не се сконцентрират на едно место. (Фото: СДК.МК)

    Околу 80 отсто од сместувачките капацитети во Дојран се веќе исполнети од корисниците на ваучерите „Дома си е дома“, што ги дава државата за да се спаси туристичкиот сектор од последиците на коронакризата. За викендите скоро и да нема место, а цените за 4-креветно студио или апартман во приватните вили се движат од 20 до 30 евра од ден. Претежно, гостите се од Скопје и источна Македонија и во Дојран отседнуваат по четири до седум дена или во зависност дали се оди со еден или два ваучера фамилијарно.

    „90 отсто од гостите ни се со ваучери. Само што завршија изборите, дневно по 100-тина заинтересирани ни се јавуваат за сместување, но за жал во нашата вила сите студија и апартмани се закупени заклучно со август. Веќе има интерес и за одмор и престој овде и за месец септември. Мислам дека оваа мерка односно ваучери треба да ја има и кога ќе заврши кризата“,  вели Роза Режак, која издава соби во Дојран, кои во изминатите години ги изнајмувале Срби и Бугари кои сакале да летуваат тука.

    Слично е  и во хотелите во Дојран. Сите се пријавени дека работат со ваучери. Тврдат дека и кај нив се резервира, но поради цените резервациите се претежно за два до три дена на база на полупансион. Во Дојран викендов престојуваат околу 10-тина илјади гости. Општинските власти велат дека ваучерите ја спасија туристичката сезона и очекуваат гости и посетители на трошок на државата да имаат и наесен. За да се спречи групирањето на гостите, Општината отвори нови простори за плажи со што не се забележани гужви покрај крајбрежјето.

    „Според нашите сознанија, околу 80 отсто од сместувачките капацитети се полни во Дојран. За Илинден се бара легло повеќе. Наши комунални редари постојано се на терен со укажувања да се носат маски и да се одржува физичка дистанца, и апелираме да се придржуваат на владините мерки и протоколи. Од таа причина, пред стартот на сезоната отворивме и уредивме нови простори за плажи за гостите да не се сконцентрират на едно место. Сметам дека ќе имаме продолжена туристичка сезона“, вели градоначалникот на Дојран Анго Ангов.

    Во Дојран засега има 6 активни случи на коронавирус, а проблем и понатаму се ноќните групирања на младите кои на плажите си прават забави.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира