БИ ЗАМИНАЛЕ НО КАКО ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД УКРАИНА, ВЕЛИ ВЕЛЕШАНЕЦОТ АНГЕЛОВ КОЈ ОСТАНА ВО КИЕВ СО СЕМЕЈСТВОТО

    БИ ЗАМИНАЛЕ НО КАКО ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД УКРАИНА, ВЕЛИ ВЕЛЕШАНЕЦОТ АНГЕЛОВ КОЈ ОСТАНА ВО КИЕВ СО СЕМЕЈСТВОТОЦентарот на Киев е под барикади на граѓанските стражи. (Фото: АП)

    Попладнево и вечерва започнале силни експлозии и гарантирање во околината на Киев, главниот град на Украина, вели велешанецот Игор Ангелов кој со семејството, сопругата и двегодишната ќерка живее во Киев. Денеска е петтиот ден од руската инвазија на Украина.

    Претпладнето и попладнето во Киев било мирно, додека траела првата рунда мировни преговори меѓу руската и украинската делегација во Белорусија, близу украинската граница. Според украинските претставници, двете страни заминале во своите главни градови на натамошни консултации, пред одржувањето втора рунда преговори во следните денови.

    „Претпладнето беше мирно, немаше сирени, немаше татнежи, борби, нели седнаа во Белорусија да преговараат. Тоа што денес беше невообичаено мирно и спокојно, вечерва се плаќа висока цена. Се гранатира силно од правец на Белорусија. Се гранатира и страда мојот сакан град Бровари, дел од Киев“, вели Ангелов.

    „Во местото каде живееме продавниците се празни, но жителите имаат меѓусебна комуникација и ако нешто некаде дојде, веднаш се јавуваат и се оди да се пазари. Цената на лебот е парче 45 денари, а платите се колку македонските 300-400 евра во просек. Денес украинскиот претседател ги пушти затворениците, за да ги бранат градовите, им даде оружје, одлука која не сум сигурен колку е исправна“, вели Ангелов.

    Редици за супермаркет во Киев, по дводневниот полициски час. (Фото: АП)

    По нападот од Русија, тој и неговото семејство останаа таму во близина на Киев, каде што живеат.

    „Еден месец пред нападот, од македонската Влада ни препорачуваа да заминеме. Не послушав, а зошто? Каде да одам, тука работам, јас, сопругата. Кога ќе се вратам во Македонија, за мене не поставувам прашање, но дали сопругата, ќерката ќе добиваат како бегалци било каква помош? Ќе треба сè да почнуваме одново. А ако ми било убаво таму, немаше да заминам. Доста ми беше само со партиски вработувања. Затоа заминав“, вели Ангелов.

    За заминување од Украина вели дека размислува, но не знае како и каде.

    „Комунициравме со амбасадорот додека беше тука во Киев. Потоа замина прв, и не сум контактирал никого. Но како да заминам, бензинот го нема, да се патува во ова време, за мене е ризик. Девојчето е две години. Не знаеш кој е кој по патиштата, опасност од друмски разбојници. Би заминал само со конвој со повеќе луѓе, организирано, сам со семејството никако“, вели Ангелов.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира