ВЕЛЕШАНИ СЕ ЖАЛАТ ЗА ГЛАСНАТА МУЗИКА ВО СИТЕ ДЕЛОВИ НА ГРАДОТ, ПОЛИЦИЈАТА ДОСЕГА ПОДНЕЛА САМО ДВЕ ПРИЈАВИ

    ВЕЛЕШАНИ СЕ ЖАЛАТ ЗА ГЛАСНАТА МУЗИКА ВО СИТЕ ДЕЛОВИ НА ГРАДОТ, ПОЛИЦИЈАТА ДОСЕГА ПОДНЕЛА САМО ДВЕ ПРИЈАВИ„Пријавуваме дека има гласна музика до полицијата, но кога таа ќе помине пред кафетериите тие ја стишуваат музиката“, велат велешани. (Фото: СДК.МК)

    Жителите од стариот дел на Велес, и од левата и од десната страна на Вардар, со месеци се жалат поради гласната музика од разни веселби кои таму се случуваат. Поводите биле различни, но музика се слуша од утро до доцна во ноќта.

    „Музика трешти, разглас како за на стадион, не за дома. Бараме чаре, спас, сите креваат раце. Молиме да застуди, па ќе престане гласната музика. Никој не нѐ штити“,  велат велешни кои живеат во стариот дел на градот.

    Тие реагирале до градоначалникот Марко Колев за ваквата состојба, а тој  решението за проблемот го посочува кон полицијата.

    „Имам барања за свадби, за сунети, на отворено, на јавна површина, но немам дадено ниту една дозвола за веселба. За ова засегнатите граѓани, треба да реагираат до полицијата по основ на гласна музика,  кажа Колев.

    Од полицијата велат дека тие овој период имале само два случаи на гласна музика, за што поднеле прекршочна пријава.

    „Во временскиот период од 15 април до 30 септември година, на подрачје на град Велес има вкупно девет пријавени поплаки за гласна музика. Од пријавените поплаки за гласна музика за шест пријави не е констатиран прекршок, за една пријава има предупредување, а поднесени се две пријави за гласна музика од кои една во угостителски објект и една во изнајмена куќа за забава“, вели Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.

    За ова, станарите од станбениот блок спроти Гимназијата каде се сместени кафетериите, имаат свое објаснување.

    „Пријавуваме дека има гласна музика до полицијата, кога таа ќе помине пред кафетериите, тие ја стишуваат музиката. Кога ќе дојдат кај нас дома и ќе измерат, покажува дека нема гласна музика. Во последно време кога реагираме не ни доаѓаат, велат била лажна пријава, немало гласна музика“,  велат станарите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира